Линкови за пристапност

Македонија го прославува Илинден

  • Синиша Станковиќ

Македонија го прославува Илинден

Ги почитуваме сите наши соседи и сакаме со сите да соработуваме, кажа македонскиот премиер Никола Груевски во говор на Мечкин камен

„Ние ги почитуваме сите наши соседи и сакаме со сите да соработуваме, како што и го правиме тоа. Не сакаме никому ништо да му одземеме, ниту територија, ниту култура, ниту историја, ниту ништо што е туѓо. Но, не сакаме ниту нам да ни го одземаат она што е наше“, истакна македонскиот премиер Никола Груевски во својот говор на Мечкин камен крај Крушево, по повод националниот празник Илинден.

Според Груевски, македонскиот народ е толерантен и мирољубив и „во тој дух ќе се најде решение за проблемите“ (во спорот за името со Грција – н.з.). „Македонското прашање се` уште не е докрај затворено, барем не во мислите на одредени поединци кои имаат моќ да блокираат и уценуваат, мораме да останеме претпазливи на тој план“, рече Груевски. “Тој факт и таа принуденост наметната однадвор од еден наш сосед, принуденост да мораме да се занимаваме со предизвици за кои верувавме дека одамна се надминати, нема да не отргнат од нашите стратешки приоритети за членството во ЕУ, НАТО, ниту од активностите за севкупната модернизација која ние треба да ја направиме, за нашите граѓани, нашиот народ да имаат подобар, посигурен, побогат и поквалитетен живот“, рече Груевски во говорот пред десетиците илјади присутни граѓани.

Денешната прослава на 107 години од Илинденското востание и 66 години од Првото заседание на АСНОМ, се одвива преку народни собири на Мечкин Камен и во Меморијалниот комплекс АСНОМ во кумановското село Пелинце, каде говореше претседателот на државата Ѓорге Иванов.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски положи цвеќе пред споменикот на Методија Андонов Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, а делегацијата на Владата во Крушево положи цвеќе на гробот на Никола Карев, претседател на Крушевската република на местото Слива и на споменикот на бранителите на Мечкин Камен.

Пред споменикот на Ченто на плоштадот во Скопје, парлементарниот спикер Вељановски рече: „За жал, иако ги исполнивме условите за членство во НАТО, иако уште минатата година добивме препорака за отпочнување на преговори со ЕУ, ни се случуваат блокади, а причината за ова е само една - националниот, културниот и јазичниот идентитет на македонскиот народ. Во нашата историја ова не е првпат некој да се обидува да го негира нашиот национален и културен идентитет“

Годинава не замина македонска делегација на автентичното место на одржувањето на заседанието на АСНОМ во манастирот Св. Прохор Пчињски во Србија,, кој е под јурисдикција на Српската православна црква.

Паралелно со главните манифестации, во битолското село Трново, се одржува 39-тата традиционална Светска македонска средба Трново 2010, во организација на Матицата на иселеници од Македонија, Светскиот македонски конгрес, Сојузот на Македонците од Егејот „Македон“ и Сојузот на Македонците со исламска религија.

XS
SM
MD
LG