Линкови за пристапност

Новогодишни честитки од Груевски и Црвенковски


Новогодишни честитки од Груевски и Црвенковски
Новогодишни честитки од Груевски и Црвенковски

За Груевски имавме успешна 2011-та, за Црвенковски годинава што измина ја обележа страв

Премиерот Никола Груевски и лидерот на опозицискиот СДСМ им упатија честитики за Новата 2012-та година на граѓаните - секој со различен агол на толкување на минатата 2011та и наредната 2012-та година.

„2011-та беше успешна година со трет позитивен извештај од ЕУ со високото рангирање од страна на Светската банка за условите за водење бизнис, како и со мноштво изградени нови објекти“, рече Груевски.

„Оваа 2011 година, и покрај сите предизвици што ги надминавме, беше успешна година, и сите ние, граѓаните на Македонија, треба да сме горди на тоа, затоа што ние тоа го заслуживме и го одработивме, со сопствени сили и потенцијал, со верба во самите нас и во нашите квалитети“, рече Груевски во видео обраќањето до граѓаните.

За премиерот Груевски следната година ќе треба да одговори на предизвиците на евроатланските интеграции.

„И во следната година ќе продолжиме да чекориме по патот на интеграцијата во НАТО и ЕУ, со волја и посветеност за надминување на блокадите, за отвореност, за заеднички исчекор на регионот кон интеграциите. За таа цел силен придонес и улога, и нова позитивна, правна и политичка, аргументација ќе даде и пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, која е позитивна за Македонија, и која е триумф на правдата и владеењето на правото и ја гледаме како средство за постигнување поголема блискост со нашите партнери, соседи и асоцијации и остварување на нашите стратешки цели и заеднички вредности“, рече Груевски.

Наспроти Груесвки,лидерот на опозицискиот СДСМ е со сосема дијаметрално спротивно видување за изминатата 2011:

“Зад нас е уште една тешка година. Година во која многумина од вас моравте да водите секојдневна битка со немаштијата, со ниските плати и пензии и со се` поскапата живеачка. Сиромаштијата и невработеноста достигна рекордно ниво. Ветувањата за нови инвестиции, нови фирми и фабрики, нови работни места и оваа година не се остварија. Македонија стана држава во која владее стравот. Секој се плаши од некого, а сите заедно - од власта“, изјави Бранко Црвенковски.

За него евроатлантските интеграции остануваат блокирани поради неуспесите на Владата.

“Сите околу нас во регионот направија голем исчекор во интеграциите кон НАТО и ЕУ.Само ние сме таму каде што бевме и пред пет години. За светот Македонија стана заборавена земја“, вели во новогодишната честитка Бранко Црвенковски.

Како и да е, и Груевски и Црвековски им посакаа на граѓаните среќни новогодишни и божиќни празници како и среќа и успех во наредната 2012-та година.

XS
SM
MD
LG