Линкови за пристапност

Избирачкиот список прочистен, ДИК подготвена за избори


Избирачкиот список прочистен, ДИК подготвена за избори
Избирачкиот список прочистен, ДИК подготвена за избори

„Подготвени сме да организираме фер и демократски избори. ДИК секогаш со успех ги завршува изборите, тоа ќе се случи и овојпат“, изјави во вторник заменик претседателот на Државната изборна комисија Субхи Јакупи, при преземањето на серверот за Избирачкиот список од Министерството за правда во надлежност на ДИК.

Според Јакупи, членовите на ДИК „единствено може да се сретнат со некои технички проблеми во врска со гласањето во дијаспората, имајќи во предвид дека за првпат македонските граѓани од странство ќе имаат право на глас на предвремените парламентарни избори“.

По прочистувањето на избирачкиот список, на него се наоѓаат имињата на 1.835.000 граѓани со право на глас за предвремените парламентарни избори што најверојатно ќе се одржат на 5 јуни, Споредено со последните избори кога на списокот имаше 1.792.820 избирачи, сега, на списокот чии податоци се ажурирани заклучно со 31 јануари 2010, нивниот број е зголемен за околу 43 илјади лица. Според Јакупи тоа се должи на деветте години поминати од последниот попис во 2002. Но, според Јакупи, ова е и реална бројка на гласачи, иако Македонија има околу два милиони државјани. „Ние ги добиваме податоците од релевантните институции и не можеме ниту да ги зголемиме ниту да ги намалиме“, рече Јакупи.

По пренесувањето на право на користење на Електронскиот избирачки список од Министерството за правда на ДИК, списокот може да се проверува преку веб-страницата на ДИК. Според Јакупи, сите лица кои не можат да се најдат во избирачкиот список или имаат проблем со употребата на Електронскиот избирачки список, може да ја контактираат Комисијата преку имејл или директно во нејзините 34 подрачни одделенија. Исто така, граѓаните можат да проверат и на кое од 2,976 избирачки места ќе гласаат.

Иако, според МВР, во контролата на списокот беа пронајдени околу 15 илјади починати лица кои се избришани од списокот, Јакупи не негираше дека е можно на избирачкиот список се` уште да фигурираат и починати гласачи. „Може да се најдат такви лица,ако некој не ги пријавил ние не можеме да знаеме ниту да утврдиме дали некои граѓани се уште се на избирачкиот список иако се умрени“, рече Јакупи.

XS
SM
MD
LG