Американското Министерство за одбрана донираше 350 илјади долари (250.000 за Одделот за интензивна нега и 100.000 долари за реновирање на Клиниката) со што се разубавува и скратува престојот на младите пациенти во оваа установа, во која годишно се третираат меѓу 1.600 и 1.700 пациенти, од кои врз 1.400 се вршат хируршки интервенции. Со реновирањето на Клиниката за детска хирургија, единствена во државата каде се оперираат новороденчиња и мали деца, сега во Одделот за детска хирургија може да се вршат најсложени хируршки зафати. Купени се нови болнички кревети, ѕидовите украсени со ликови од цртаните филмови, а најважно од се` е што од американската донација се купени 40-тина најсовремени апарати. Со сево ова, клиниката ќе им го олесни престојот на малите пациенти од Македонија, ќе им овозможи и посложени интервенции за кои досега нивните родители мораа да ги водат во странство, а ќе може да се третираат и пациенти и од соседните држави.
„Работевме долго време заедно со персоналот на Клиниката да идентификуваме што и` е потребно на детската хируршка клиника. Се` со цел да се овозможи најдобра возможна опрема од респираторни машини до современи инкубатори“, изјави амбасадорот Рикер.
„Имаме Клиника со која ќе се гордее целата држава и верувам ќе бидеме мотив и за другите здравствени институции да продолжат со нашиот ентузијазам за сопствена модернизација“, рече д-р Владимир Чадиковски.
По повод акцијата Ден на дрвото, американскиот амбасадор Рикер и заменик министерот за здравство Поповски, засадија и млади дрвца пред клиниката.