Линкови за пристапност

Македонската влада се огради од ставовите на Никовски


Македонската влада се огради од ставовите на Никовски
Македонската влада се огради од ставовите на Никовски

Лични гледишта - право секој поединец, вели министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.

Македонската влада се огради од написот на бившиот амбасадор и член на Советот за меѓународни односи во Кабинетот на претседателот на државата, Ристо Никовски, истакнувајќи дека се работи за личен став, на што има право секој поединец.

Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски денеска рече дека го дели ставот на Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов од вторникот. САД се стратешки партнер и сојузник на Македонија, рече Милошоски.

„Реакцијата од Кабинетот на претседателот Иванов беше сосема јасна. Секој поединец има право на сопствено мислење, изјави и коментари, но Владата на Република Македонија и МНР имаaт една ориентација, а тоа е стратешко партнерство со нашите пријатели од Вашингтон. Во текот на оваа Влада се потпиша и документот за стратешко партнерство меѓу РМ и САД и цениме дека таквиот заемен однос како и реалните сојузништва на теренот како што беше Ирак, или во моментов продолжува да биде Авганистан, се потврда дека ова пријателство е цврсто утврдено“, истакна Милошоски.

Единствената остра реакција дојде од Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, дел од владината коалиција кој побара Никовски да биде разрешен од функцијата во претседателскиот Кабинет, бидејќи „искажаните ставови им штетат на македонските национални интереси и односите со САД“.

Никовски во колумна во „Нова Македонија“ ја повика Владата да не биде „сервилна“ и „ да не дозволува дипломати како Фуере и Рикер да не` газат и плукаат“. Тој го постави и прашање за целисходноста на пријателството со Америка, која, според него, е главен поборник за обезличување на националниот идентитет и клучен фактор за блокадата во НАТО.

Ваквиот став доаѓа по најновата забелешка на амбасадорот на САД Филип Рикер дека посетата на премиерот Никола Груевски на Вашингтон не ги донела очекуваните резултати и дека администрацијата е позагрижена сега отколку пред средбите на 16-ти февруари.

„Личните напади станаа секојдневие во Македонија... Сите коментари за САД и за амбасадорот ние ги препративме до Стејт департментот и до канцеларијата на потпретседателот. Љубопитни сме да видиме каква реакција кај владата или кај некој друг ќе предизвика овој последен напад“, се вели во соопштението на американската амбасада, по повод написот на екс-дипломатот Никовски.

XS
SM
MD
LG