Линкови за пристапност

Груевски: Владата внимателно ќе продолжи со преговорите со Грција


Груевски: Владата внимателно ќе продолжи со преговорите со Грција
Груевски: Владата внимателно ќе продолжи со преговорите со Грција

Премиерот на Македонија не се согласува со барањата изнесени од некои иселеници за прекин на преговорите за името

„Владата нема да ги прекине преговорите со Грција за името“, изјави премиерот Никола Груевски, одговарајќи на новинарско прашање по повод се` почестите барања на македонските иселеници да се прекинат преговорите со Грција за спорот околу употребата на уставното име на Македонија.

„Не би рекол дека би оделе на прекин, но сме многу внимателни во тие разговори“, изјави во четвртокот Груевски, како коментар на барањата на дел од македонските интелектуалци кои ја поддржаа кампањата на Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада и на Австралиско-македонскиот комитет за човекови права, кои со слоганот „Никој нема право да преговара за моето име“, преку весници и билборди во Македонија, испраќаат порака на иселениците дека граѓаните на Македонија мора да и` потенцираат на Владата да престане да преговара за името, што би била и најдобрата, според нив, одбрана на уставното име на земјата.

Вакво барање од поодамна во соопштенијата до јавноста редовно испраќа и Светскиот Македонски конгрес.

Учесниците на дебатата организирана во четвртокот од Центарот за креирање на политики и од Македонската алијанса, се заложија за итен прекин на преговорите но Македонија да остане конструктивна во односите со претставниците на меѓународната заедница.

Според ексминистерот за надворешни работи Слободан Чашуле, „Ниту Лисабонската декларација, ниту резолуцијата на ОН, ниту Времената спогодба не ја обврзуваат Република Македонија да го смени името, а камо ли тоа да е услов за влегување во меѓународните мултилатерални организации“, а според професорот Љубомир Цуцуловски, „влезот во ЕУ и НАТО со погазено национално чувство и горчина која ќе влијае на сите идни генерации не е здраво за нацијата’.

Според лидерот на Македонската национална алијанса Џорџ Атанасовски, „никој нема право да се откаже од тоа што ни го оставиле генерациите пред нас“, а според новинарот Александар Дамовски, политичарот што ќе направи компромис ќе мора да ја сноси одговорноста: „Дали сме свесни дека тој со тоа веќе ќе стане предавник на оваа држава? Затоа што било какво такво решение во име на народот, всушност тој ќе си потпише доживотна затворска казна“.

Околу 100 организации од Македонија и од странство досега се изјаснија во знак на поддршка на кампањата на македонската дијаспора за зачувување на уставното име.

XS
SM
MD
LG