Линкови за пристапност

САД и ЕУ: Македонија е на критична крстосница


„Ги повикуваме политичките лидери да преземат одговорност и без одложување да најдат конечно решение за моменталната политичка криза“, се вели во заедничката изјава на шефовите на мисите на ЕУ, ОБСЕ и САД во Македонија

Додека во седиштето на најголема опозициона партија се` уште се одвива состанокот на Централниот одбор, дел од македонските електронски медиуми ја објавија задедничката изјава на шефовите на мисите на ЕУ, ОБСЕ и САД во Скопје, кои повторно упатија повик до политичките лидери во Република Македонија да преземат одговорност и без одложување да стават крај на актуелната политичка криза во земјата.

„Земјава во моментов се наоѓа на критична крстосница. Моменталната криза ги загрозува аспирациите на граѓаните за подобра иднина, како и политичката стабилност на земјата. Мора да се преземат чекори за одалечување од јавните ултиматуми, фиксни позиции и краткорочни тактики, а кон приближување до директен дијалог и компромис од најдобар интерес за граѓаните и државата. Во овој контекст ги повикуваме политичките лидери да преземат одговорност и без одложување да најдат конечно решение за моменталната политичка криза, се вели во заедничката изјава од ЕУ, ОБСЕ и САД.

Македонија денес е помалку демократска земја отколку што беше пред неколку години
Бранко Црвенковски

Седницата на ЦО на СДСМ која е во тек, беше организирана откако владеачката ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, според најавата, попладнето во Собранието експресно ги изгласаа измените на Изборниот законик, со што рокот за кандидатури за локалните избори се продолжи до 3-ти март. Претходно, опозицијата го одби предлогот на вицепремиерот Зоран Ставрески за враќање во Собранието и за учество на вонредната седница на која е пролонгиран рокот за поднесување кандидатури за локалните избори. За СДСМ и со денешниот предлог на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, опозицијата да се врати во Собранието, „продолжило партиско-полициското насилие, кое е невидено за парламентарни демократии и за земја која претендира да биде членка на ЕУ и НАТО“.

Според лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, „Македонија денес е помалку демократска земја отколку што беше пред неколку години“.

„Со настаните од 24 декември е нарушено едно од основните начела на демократијата, почитувањето на процедурата и тој понеделник извршната власт изврши насилство врз демократијата и врз законодавната власт. Прикривањето или молчењето за ваквите состојбите во земјава не е поголем патриотизам, отколку отворената дискусија за тоа“, потенцираше денес Црвенковски.
Одлуките на ЦО на СДСМ се очекуваат ноќва.
XS
SM
MD
LG