Поранешната лидерка на Мјанмар Аунг Сан Су Чи ќе биде помилувана за пет од 19-те дела за кои беше осудена на вкупно 33 години затвор, објавија во вторникот државните медиуми.
Со делумното помилување и се намалува казната за шест години. Државната МРТВ објави дека лидерот на Хунтата, генерал Мин Аунг Хлаинг, и дал помилување за обвиненијата во кои таа беше осудена за кршење на ограничувањата за коронавирус, незаконски увоз на воки токи и бунт.
Нобеловката, која минатата недела беше преместена од затвор во домашен притвор во главниот град Најпитав, е во притвор откако војската ја презеде власта со државен удар на почетокот на 2021 година.
Во понеделникот, владејачката хунта официјално ги одложи изборите ветени до август оваа година, објави државната телевизија.
Водачот на Хунтата, генерал Мин Аунг Хлаинг, на состанокот во понеделникот со Советот за национална одбрана и безбедност поддржан од армијата, ја продолжи вонредната состојба за шест месеци. Војската го наведе тековното насилство како причина за одложување на гласањето.