Линкови за пристапност

Луиџи Манџоне се изјасни за невин за обвиненија за убиство


Луиџи Николас Манџоне заминува во судот на округот Блер во Холидејсбург, Пенсилванија, 19 декември 2024 година.
Луиџи Николас Манџоне заминува во судот на округот Блер во Холидејсбург, Пенсилванија, 19 декември 2024 година.

Њујорк — Обвинетиот за убиството на извршниот директор на „ Јунајтедхелткер“ денеска се изјасни за невин по обвиненијата за убиство и тероризам во сојузната држава Њујорк каде што се одвива судскиот случај на државно, а паралелно и на федерално ниво. 26 – годишниот Луиџи Манџоне со лисици на рацете седнат во судот на Менхетен ја поднаведнал својата глава за на судскиот микрофон да ја каже својата изјава. Обласниот обвинител на Менхетен минатата недела официјално го обвини за повеќекратни точки за убиство, вклучително и убиство како терористички чин.

Неговото првично појавување во главниот суд на сојузната држава Њујорк беше спречено од федералните обвинители кои покренаа свои обвиненија за пукањето. Федералните обвиненија можат да донесат смртна казна, додека максималната казна за државните обвиненија е доживотен затвор без условна слобода.

Обвинителите рекоа дека двата случаи ќе се одвиваат паралелно, при што се очекува прво да се суди по обвиненијата на сојузната држава Њујорк.

Властите велат дека Манџоне го застрелал Брајан Томпсон додека одел на конференција во центарот на Менхетен, утрото на 4 декември.

Манџоне беше уапсен во Мекдоналдс во Пенсилванија по петдневна потрага. Во тие моменти носел пиштол кој одговарал на оној кој беше употребен во пукањето и лажна лична карта, соопшти полицијата. Тој, исто така, носел тетратка во која изразува непријателство кон индустријата за здравствено осигурување и особено кон богатите директори, рекоа федералните обвинители.

На прес-конференцијата на која минатиот вторник ги објави обвиненијата на државно ниво, обвинителот на Менхетен Алвин Брег рече дека примената на законот за тероризам ја одразува сериозноста на „застрашувачкото, добро испланирано, насочено убиство кое имало намера да предизвика шок, внимание и заплашување“.

„Ова беше убиство кое имаше за цел да предизвика терор“, додаде тој. „И ја видовме таа реакција.“

Карен Фридман Агнифило, адвокатка на Манџоне, ги обвини обвинителите од државно и федерално ниво за унапредување на спротивставени правни теории. Пред федералниот суд минатата недела, таа го нарече нивниот пристап „многу збунувачки“ и „многу необичен“.

Манџоне се наоѓа во федерален затвор во Бруклин заедно со неколку други обвинети од висок профил, вклучувајќи ги Шон „Диди“ Комбс и Сем Бенкмен-Фрид.

Манџоне беше екстрадиран од Пенсилванија во четвртокот во Њујорк, каде беше сниман во портокалова облека додека спацијална полициска единица заедно со градоначаникот на Њујорк Ерик Адамс го спроведе од хеликоптерот со кој пристигна.

Адамс рече дека се надева дека ќе му испрати порака на осомничениот: „Сакав да го погледнам во очи и да кажам дека го изврши овој терористички чин во мојот град – градот што луѓето од Њујорк го сакаат“, изјави градоначалникот. „Сакав да бидам таму за да ја покажам симболиката на тоа“.

Дипломиран на еден од осумте познати универзитети од Ајви-лигата од познато семејство во Мериленд, Манџоне изгледаше дека се повлече од семејството и пријателите во последниве месеци. Тој често објавуваше на форумите на интернет за неговата борба со болки во грбот. Според компанијата, никогаш не бил клиент на „Јунајтедхелткер“.

Томпсон, оженет татко на две деца – средношколци, работеше во гигантската „Јунајтедхелт Груп“ 20 години и стана извршен директор на нејзината осигурителна група во 2021 година.

Убиството поттикна некои да го изразат своето незадоволство кон американските здравствени осигурителни компании, при што Манџоне служи како поддршка за фрустрациите поради одбивањето на покривање на здравствено осигурување и високи медицински сметки. Тоа, исто така, испрати шокови низ корпоративниот свет, потресувајќи ги директорите кои велат дека добиле зголемен број закани.

XS
SM
MD
LG