Линкови за пристапност

Локалните ординации остануваат празни: Македонски стоматолози заминуваат во странство


Ангеле Гиноски, стоматолог од Охрид, решил да ја затвори сопствената ординација и да замиме во Германија
Ангеле Гиноски, стоматолог од Охрид, решил да ја затвори сопствената ординација и да замиме во Германија

Луѓето не заминуваат толку поради финансиските причини, колку поради самата општествено-политичка состојба во државата и правната несигурност, вели Ангеле Гиноски, кој иако долги години имал своја ординација во Охрид, решил сосе семејството да ја напушти државата

Ангеле Гиноски стоматолог од Охрид, по години успешна работа во родниот град, пред три години ја затворa ординацијата и со целото семејство се пресели во Германија. Вели дека повеќе фактори влијаеле на тоа. Решиле да заминат и да побараат нов предизвик во животот.

„Јас имав голем број пациенти тука во градот и добро работев, меѓутоа баравме еден нов предизвик за работа. Всушност се појавија и доста проблеми во самата работа во однос на помошниот персонал. Се сменија многу медицински сестри“, вели Гиноски.

Но, одлуката не била воопшто лесна. Била донесена после долго размислување. Сега работи во приватна стоматолошка ординација.

Поради фактот што ние не сме ЕУ, имаме и малку потежок пат кон тој пазар
Ангеле Гиноски, стоматолог

„И, патот кој го поминуваме таму, воопшто не е лесен. Тоа се регулирани професии. Кај регулираните професии вие имате одредени предуслови кои треба да ги исполните во однос на јазик, стручност и повторно лиценцирање и тој пат воопшто не е лесен. Поради фактот што ние не сме ЕУ, имаме и малку потежок пат кон тој пазар“, додава Гиноски.

Но, не само можностите за професионален напредок , туку и целокупните состојби во македонското општество се причина за одлука да заминат.

„Луѓето не заминуваат толку поради финансиските причини, има и такви кои заминуваат поради тоа, но самата општествено-политичка состојба во државата и една правна несигурност која се јавува каде луѓето не можат да предвидат како ќе се развива понатаму политичката и економска ситуација“, вели тој.

Вели има многу примери, каде разликата е очигледна во однос на функционирањето на системот и можноста која државата ја нуди.

Тој е само еден од многуте македонски лекари и друг медицински персонал кој изминатите години се одлучија среќата да ја побараат во некоја од западно европските држави.

„Познавам доста Македонци во тој регион каде што живеам. Имаме ние таму едно здружение „Македонски бисер“. Во март бевме собрани околу 800 луѓе на таа прослава, каде можевме да се видиме“, вели Гиноски.

Годишно 200 до 250 лекари од јавното здравство ја напуштаат државата.

Гиноски вели дека неколку пати годишно доаѓаат во татковината. Кога го прашавме дали размислуваат повторно да се вратат назад, еве кој беше неговиот одговор.

„Ние се сметаме себеси како луѓе на привремена работа. Ние не сме луѓе кои рекле еве фрламе камен на Македонија и не се враќаме“, вели тој.

Во меѓувреме ординацијата на Гиноски во Охрид е празна. Апаратурата е надвор од функција, бидејќи и стоматологот кој продолжил да работи, една година после него и тој заминал за Германија.

XS
SM
MD
LG