Во САД, корпорациите и групи на активисти редовно вршат влијание врз Конгресот и извршната власт во донесувањето на одлуки од јавен интерес. Лобирањето нечесто и се критикува, како промоција на специјални интереси, врз грбот на јавноста. Па сепак, лобирањето во САД е заштитено со Уставот и длабоко навлезено во носењето на политички одлуки.
Законите во САД се носат во многу јавен процес. Најпрвин се поднесува нацрт-закон во Конгресот, потоа се отвора расправа и на крај се гласа за него. Извршната гранка, пак, го спроведува донесениот закон преку своите оддели и агенции.
Нормално, поединците и организациите тангирани од законите сакаат да влијаат при нивното создавање. Уставот на САД има одредби што дозволуваат лобирањето да биде дел од владиниот процес на донесување на одлука.
Вообичаено е граѓани да се јавуваат, да напишат писмо или електронска порака до нивните членови во Конгресот. Им укажуваат на своите законодавци дека поддржуваат или пак се против одредена легислативата и сакаат да се гласа по неа - согласно нивното мислење. Но, голем дел од лобирањето во Вашингтон го врши трета страна.
„Еден дел од лобирањето е кога компаниите или групите со посебен интерес, како на пример оние кои се залагаат за поседување оружје, или пак други, најмуваат професионалец да ги застапува во Конгресот. Таквите лица се лобисти, знаат како функционира Конгресот, кои се правилата. Знаат кои законодавци се важни и кои може да им излезат во пресрет“, коментира новинарот Тим Карни од весникот Вашингтон егзаминер.
Лобирањето е голема индустрија во Вашингтон. Во 2009-тата, според проценките, биле потрошени 3,5 милијарди долари за влијание во Конгресот и во извршната власт.
Лобирањето во главниот американски град не е ограничено само на Американците. Меѓународните компании и странските влади исто така се обидуваат да извршат влијание врз американската легислатива.
Но, во лобирањето не е се` дозволено. Постојат федерални закони и етички регулативи од кои се раководи процесот. Тие се спроведуваат, но не секогаш и доследно.