Линкови за пристапност

Тодоров - едно, „Екстра Меин“ - друго


Министерот за здравство и кумановската компанија се разидуваат околу изворот на листерија

По речиси два месеци потрага по изворот на листерија од којашто во Македонија заболеа десетмина, од кои петмина починаа, министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес конференција соопшти дека тој е познат - во производи на приватната компанија „Екстра Меин“ од Куманово било откриено присуство на бактеријата што е над 90 пати повеќе од дозволеното. Како што рече, со извршената дополнителна генотипизација на Факултетот за храна и ветеринство во Скопје било утврдено дека генотипот на листерија и кај отворениот и кај затворениот вакумиран примерок од свинскиот врат од овој производител одговара на генотипот на листерија кај заболените и починатите лица.

Како поткрепа на својот став, Тодоров го истакна и податокот дека повеќето од заболените изјавиле дека конзумирале производи од овој производител пред појавата на симптомите на заразата, а бактеријата листерија е пронајдена и во примероците од свинскиот врат коишто биле донесени од семејство од Прилеп.

Министерот Тодоров, во присуство на членови и стручни лица од Комисијата за заразни болести при Министерството, претставници на сите инситуции коишто изминатите денови беа вклучени во процесот на испитување на сите сомнителни производи на пазарот, уште рече дека листеријата е откриена и во суровината, месото што го користи „Екстра Меин“ за производство и на други производи, по потекло од Бразил и Канада.

„Се работи за замрзнато свинско месо, замрзнат пилешки мом и замрзнати пилешки гради. Со цел да нема сомнеж во резултатите, иако ние не се сомневаме, сепак истите мостри веќе се испратени на дополнителна потврда во други две акредитирани лаборатории. На сите досега докажани позитивни мостри на листерија, извршена е генотипизација, но само генотипот на листерија моноцитогенес од позитивните мостри од производи од „Екстра Меин“ покажа генетска поврзаност со генотипот на листерија моноцитогенес изолирана кај заболените и починатите лица“, рече Тодоров.

Производствениот погон на компанијата, како што истакна Тодоров, останува затворен, со претходна одлука на Агенцијата за храна и ветеринарство, а инспекторите оваа недела ќе земаат мостри и од сите производи на оваа компанија што се во промет.

„Со цел заштита на здравјето на вулнерабилните групи, а во рамки на Програмата за јавно здравје, Центрите за јавно здравје се задолжени да земат мостри од храна и брисеви од работни површини од болнички установи, детски градинки и домови за стари лица. За таа цел, веќе е дадена наредба за темелно механичко чистење и дезинфекција на работните кујни во болничките установи, детските градинки и домовите за стари лица“, изјави Тодоров.

„Екстра Меин“, пак, денеска упати соопштение до јавноста во коешто тврди дека нејзините производи се безбедни и не ја содржат опасната бактерија, а го оспори и методот за генотипизација, врз основа на што надлежните ставија клуч на производствени погони на компанијата.

„Директно Ве прашуваме, дали знаете дека методот за утврдување на генотипизација не е акредитиран од страна на Институтот за акредитација и со тоа се побиваат сите обвинувања дека има листерија во сечканиот врат на Екстра Меин“, се вели соопштението од компанијата. Тие се повикуваат и на извештајот од извршениот надзор од 6-ти јули годинава од страна на д-р Флорентина Шурбевска и нејзиниот тим во фабриката на „Екстра Меин“ во Куманово, „која направила увид без присуство на санитарен здравствен инспектор и без направен записник до субјектот на надзор“.

„Брисевите и мострите кои ги земала при извршениот увид, се негативни на присуство на листерија. За на крај, апсурдот да биде поголем, Шурбевска во извештајот до Министерството за здравство наведува дека не ја исклучува можноста, при транспорт и одмрзнување на примероците да извршиле загадување со споменатата бактерија, со тоа што истакнува дека не носеле соодветна опрема за транспорт на земените мостри. За суровините земени за анализа од Екстра Меин, за кои Вие велите дека се позитивни, ние поседуваме резултати од две акредитирани лаборатории каде што истите се негативни на присуство на листерија“, се наведува во соопштението од „Екстра Меин“. Компанијата додава дека со ова „се доведува во прашање веродостојноста на резултатите произлезени од лабораторијата“.

Од компанијата тврдат дека е можно контаминацијата да е направена и при транспорт на производите и при несоодветно чување во продавниците и во домашни услови и побараа од „сите инволвирани институции јасно и гласно да ја известат јавноста каде е листеријата. Ние само едно знаеме, нема листерија во производите на Екстра меин“, се вели во соопштението.

Министерот за здравство денеска уште соопшти дека досега се испитани над 1.100 примероци, и потврди дека присуство на листерија е пронајдена кај 23 производи од различни производители и продавници од Скопје, Тетово, Охрид, Куманово, Кочани и Кавадарци, но, како што рече, „не во толкави количини како во кумановската компанија“.

XS
SM
MD
LG