Линкови за пристапност

Обама пристигна на самитот на НАТО во Лисабон


Обама пристигна на самитот на НАТО во Лисабон

Американскиот претседател Барак Обама пристигна во португалскиот главен град, Лисабон, да присуствува на НАТО самитот , каде се очекува Авганистан да биде на врвот на агендата

Лидерите од 28-члената воена алијанса се очекува да дискутираат за иднината на воените напори на НАТО во јужноазиската држава и предавањето на безбедноста во раце на авганистанските сили до 2014.

Обама се очекува да го изнесе четиригодишниот план за повлекување на 130 илјади НАТО трупи, што треба да почне следната година и постепено ќе се предава контролата кај авганистанските безбедносни сили.

Портпарол на Пентагон, Џеф Морел, во четвртокот појасни дека датумите не се цврсти. Тој рече дека планот предвидува транзицијата да заврши до крајот на 2014, што ефективно значи до 2015.

Силите на НАТО се очекува да продолжат со обука и хуманитарна работа уште некое време потоа.

За време на дводневниот самит, лидерите на НАТО се очекува да дојдат до нов стратешки концепт за алијансата, за да вклучи посилна одбрана од кибернетски тероризам и балистички проектили.

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен самитот го нарекува еден од најважните во историјата на алијансата. Тој кажа дека клучниот исход ќе биде „поефикасна, ангажирана и способна“ алијанса, способна за справување со безбедносни прашања што се променети од времето пред 11 години кога последен пат НАТО ја ревидира својата мисија.

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи, кој многу пати критикуваше аспекти од тактиките на мисијата на НАТО во неговата земја, треба да присуствува на дискусијата за Авганистан на самитот во сабота.

XS
SM
MD
LG