Линкови за пристапност

Лидерот на албанската опозиција Сали Бериша ослободен од домашен притвор, соопшти судот


Сали Бериша, лидер на опозициската Демократска партија, зборува со своите поддржувачи пред суд на 21 декември 2023 година
Сали Бериша, лидер на опозициската Демократска партија, зборува со своите поддржувачи пред суд на 21 декември 2023 година

Опозицискиот лидер Сали Бериша е ослободен од домашен притвор по пресудата на албанскиот суд денес, додека го чека судењето по обвиненијата за корупција, исто како што се интензивираа народните протести против неговото притворање.

Бериша (80) беше притворен од декември 2023 година и беше обвинет во септември, кога обвинителите поднесоа обвиненија за наводно користење на неговото влијание во првиот мандат како премиер помеѓу 2005-2009 година за да му помогне на неговиот зет да добие договор за профитабилна градба.

Бериша, кој е лидер на опозициската Демократска партија, ги негира обвиненијата и вели дека тие се дел од политичката одмазда против него од страна на владејачката партија.

Неговиот домашен притвор предизвика редовни антивладини протести, вклучително и во вторникот, кога полицијата употреби солзавец и водени топови за да ги растера стотиците демонстранти кои ги блокираа главните патишта во главниот град Тирана.

„Судот донесе одлука за укинување на мерката куќен притвор за обвинетиот Сали Бериша“, изјави за Ројтерс Елса Лита, портпаролка на Специјалниот суд за корупција и организиран криминал.

Бериша беше претседател од 1992 до 1997 година, веднаш по падот на комунизмот во Албанија, а потоа беше премиер од 2005 до 2013 година.

САД во 2021 година му забранија на Бериша да влезе во земјата, велејќи дека тој бил вмешан во „коруптивни дејствија“, вклучително и злоупотреба на јавни средства и користење на својата моќ за збогатување на роднините.

XS
SM
MD
LG