Линкови за пристапност

Лидерите од Западен Балкан во Њујорк се сретнаа со Борел


Жозеп Борел, висок претставник на Европската унија за надворешни работи, говори за време на состанокот на Советот за безбедност на ОН, 24 февруари 2023 година. Фотографија направена од видео на „UNTV“.
Жозеп Борел, висок претставник на Европската унија за надворешни работи, говори за време на состанокот на Советот за безбедност на ОН, 24 февруари 2023 година. Фотографија направена од видео на „UNTV“.

Дискусијата на неформалната средба се фокусирала на последиците од руската инвазија врз Украина и проширувањето на ЕУ

Њујорк - Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, беше домаќин на неформална средба со лидерите од Западен Балкан во вторникот во Њујорк, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, соопшти делегацијата на Европската унија во Босна и Херцеговина.

Дисусијата, велат од канцеларијата на ЕУ, се фокусирала на актуелните глобални геополитички предизвици кои доминираат на агендата на ОН во текот на неделава, со фокус на проширувањето на Европската унија.

Разговарале и за последиците на војната во Украина врз цените на храната и енергијата, како и врз стабилноста и безбедноста во Европа и на глобално ниво.

„Високиот претственик Борел ја нагласи поддршката што ЕУ им ја дава на земјите од Западен Балкан во целосно поврзување на регионот со европските иницијативи за ублажување на ефектите од руската агресија, како и во решавањето на другите предизвици, вклучително енергетската безбедност, безбедноста на храната и климатските промени. Високиот претставник ја повтори континуираната силна поддршка на Европската унија - политичка, техничка и финансиска - на сите земји кандидати и потенцијални кандидати, со цел да им помогне да ги спроведат клучните политички, институционални, социјални и економски реформи потребни за напредок на европската патека“, наведуваат од делегацијата на ЕУ во БиХ.

По средбата, претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски на својот „Фејсбук“ профил напиша „нашето интегрирање во ЕУ и европската перспектива на Западен Балкан е во интерес на регионалната безбедност, стабилност и напредокот на регионот и истовремено одржување на кредибилитетот на ЕУ“.

Покрај Пендаровски, на средбата присуствувале и претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, претседателката на Косово, Вјоса Османи-Садриу, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, како и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

XS
SM
MD
LG