„Лично право на самоопределување и самоидентификација“, тоа е одговорот на новата претседателка на пораките од меѓународната заедница за потребата од целосно почитување на Преспанскиот договор кои дојдоа на нејзина адреса откако таа, во свечената изјава, не го изговори уставното име Република Северна Македонија.
Покрај ова, во соопштението, едно од првите на новиот претседателски кабинет, се наведува и дека Силјановска-Давкова ќе се придржува до употреба на новото име на државата.
„Во своите јавни настапи, македонската претседателка има право да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи, и согласно европските вредности и начела. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе се придржува до официјалната примена на уставното име. Согласно Уставот, како што беше подготвена од службите на Собранието, свечената заклетва беше потпишана со користење на уставното име“, пишува во соопштението.
Новата шефица на државата очекува и, како што се вели, „сите македонски партнери да ги почитуваат преземените билатерални и мултилатерални обврски кои ги презелекон земјава, истот како што македонските институции тоа го сториле во изминатите 5 години“.
Од овој став произлегува дека Силјановска-Давкова ќе потпишува документи на кои стои Северна Македонија, но дека е прашање дали како шефица на државата ќе го изговара уставното име.
По вчерашниот настап на Силјановска-Давкова реагира и МНР, се уште раководено од Бујар Османи, велејќи дека се потврдува цврстата определба за целосно поќитување на Преспанскиот договор.
„Повикуваме на внимателност од страна на сите политички чинители, особено на избраните државни функционери. Задржувањето на евроатлантскиот курс на земјава претставува основен стратешки интерес и гарант за долгорочната безбедност и стабилност на земјата“, соопштуваат од МНР.
Денеска остра реакција стигна и од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, откако амбасадорката Филипиду, во знак на протест, ја напушти вчерашната инаугурација.
„Провокативниот избор на новата претседателка на Северна Македонија да го прекрши официјалниот текст на заклетвата и да ја нарече земјата со различно име претставува нелегална и недозволива иницијатива. Чин кој го прекршува Договорот од Преспа и самиот устав на нејзината држава, но е и поткопување на иднината на државата“, напиша Мицотакис на Фејсбук.
Со позиција за неупотребата на уставното име излезе и амбасадата на САД.
„Соединетите Држави остануваат цврсто посветени на Договорот од Преспа и на евроатлантските интеграции на Северна Македонија. Откако ќе се формира нова влада и ќе се избере премиер, ќе продолжиме да ја зајакнуваме важноста на почитувањето на меѓународните договори и придобивките од напредувањето кон полноправно членство во Европската унија“, велат од американската амбасада.
Facebook Forum