Линкови за пристапност

Лица со интелектуална попреченост од Струга тренираат џудо


Лица со интелектуална попреченост од Струга тренираат џудо
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:30 0:00

Јасмина и Игорче се меѓу најредовните од вкупно 14 деца на тренинзите по џудо кои во Струга се организираат за лица со интелектуална попреченост во развој. Со помош на сертифицирани џудо тренери од џудо клубот „Дрим“, тие ги совладуваат техниките на овој спорт. Велат дека со задоволство доаѓаат, секоја сабота.

„Во оваа сала тренинзите се многу добри, за секој што има волја да ги работи овие тренинзи. Мене најинтересно ми е друштвото. На сите деца што тренираат им посакувам добар успех“, вели Игорче Шајноски.

„Премногу сум задоволна и секој ден доаѓам. Тренирам редовно. Сите вежби ми се интересни. Вежбаме, трчаме и се дружиме“, вели Јасмина Блажеска.

Тренерот Марин Биљаноски вели дека воопшто не е тешко, туку е задоволство но и голем предизвик да се работи со овие лица. Со голема љубов тој и неговите колеги се обидуваат барем за момент да им го променат секојдневието.

„Бидејќи се лица кои ви даваат добрина, љубов и разбирање. Се вклучуваат во тренинзите, ги извршуваат сите задачи кои им се дадени од наша страна. Тренажниот процес повеќе е на метрика, координација, џудо техники и џудо вежби каде би се вклопиле, за да можат да излезат и да се натпреваруваат“, вели Марин Биљаноски, тренер во џудо клуб „Дрим“-Струга.

Џудо спортот позитивно влијае врз овие лица.

„Влијае позитивно како и секој спорт што би влијаел позитивно и на вакви лица и општо на секој човек“, додава Биљаноски.

Идејата за соработка помеѓу џудо клубот и организацијата „Порака Нова“, која 40 години се грижи за подобрување на квалитетот на животот на лицата со интелектуална попреченост, се родила пред три години. Целта е да се придонесе кон нивна социјализација и поголема вклученост во општествените активности. Од џудо клубот, прилагодиле посебна програма, со која им се овозможува на овие лица да можат да тренираат исто како и останатите.

„Целта на овој проект е со самата прилагодена програма која веќе е направена, да можат да тренираат лицата со попреченост и потоа да се направи одредена инклузија на лицата со попреченост со сите други кои тренираат џудо во џудо клубот „Дрим“ во Струга. Се движиме во сосема добар правец за да се оствари таа цел“, вели Стефан Малески-едукатор во „Порака Нова“.

А, сето ова покажува, само една работа.

„Сите сме еднакви сите сме исти и преку спортот можеме да го докажеме тоа“, вели Биљаноски.

Џудо клубот „Дрим“ и „Порака Нова“ развиваат и инклузивна џудо програма со партнери од Србија и Романија. Креирале адаптирани џудо техники кои ќе бидат снимени во прирачник, со цел да се промовира инклузијата и да се користи како водич за сите џудо клубови кој ќе сакаат да вклучат лица со попреченост во нивните тренинзи во иднина.

Струга летово ќе биде домаќин на меѓународен инклузивен џудо камп и натпревар. Инклузијата во спортот велат не е само за да ги научи лицата со попреченост да спортуваат, туку и да работат подеднакво со нив.

XS
SM
MD
LG