Линкови за пристапност

Активистките лути по одлука на Врховниот суд на Либија


Врховниот суд на Либија пресуди дека мажот не треба повеќе да бара дозвола од првата сопруга пред да земе втора.

Порано месецов судот го поништи законот од ерата на Гадафи за бракот, кој бараше мажите да обезбедат дозвола од првата жена пред да се оженат со втора.

Според поранешната легислатива воведена од починатиот диктатор, сопругот требаше да оди на суд да бара дозвола да се ожени со други жени, доколку не добие дозвола за тоа од првата.

Шахразад Маграби, основачка директорка на невладината организација Форум на либиските жени, вели дека одлуката на судот да ја отфрли таа одредба додава на загриженоста на либералите дека Либија по Гадафи ќе биде поконзервативна отколку што се надевале кога се работи за женските прашања.
„На почетокот бевме изненадени. Зашто тоа беше право што го имавме. Жената има право да знае дека нема да биде изневерувана, зашто лицето кое се оженило со неа нема да се ожени повторно без нејзина согласност. Мислам дека Коранот тоа не го дозволува“.

Таа вели дека либералните активисти нема да ја прифатат таа одлука без борба.
Но, други жени ја поддржуваат одлуката зашто е на линија на Шаријатското право.

Педесет и тригодишната Најван ЕлХоуни.

„Јас не сум против одлуката, зашто оди на линија со религијата, исламската религија. Исламската религија му дозволува на мажот да има четири жени. Треба да ја извести сопругата ако сака да се жени, но не вели дека му треба дозвола од неа. Со тоа тој сака само да ги има сите жени на своја страна“.
Жените играа критична улога во револуцијата со која Гадафи беше соборен од власт, од опасно шверцување на оружје и лекови до организирање на информирањето на медиумите. Сега жените-активистки се лути што премиерот Али Зеидан именувал само две жени во неговиот кабинет, за социјални работи и туризам.

Но, во движењето за женските права има поделеност, особено кога се работи за семејни прашања.

Поголемиот број активистки прифаќаат новиот устав да биде заснован на исламското паријатско право и не гледаат контрадикторност меѓу нивните барања за поголема еднаквост и поголема улога за жените во општество.
Тоа што ги загрижува полибералните активистки е кој го толкува Шаријатското право и како мажите го применуваат, вели Фахда Алаги, ветеранка во кампањата за човекови права и основач на Либискиот форум за граѓанско општество.
XS
SM
MD
LG