Смртта на Моамар Гадафи е дефинитивен доказ дека дојде крај на четиридецениското владеење на неговиот режим, изјави американскиот претседател Барак Обама по веста дека поранешниот либиски водач е мртов.
Само до пред една година, претставата за слободна Либија изгледаше невозможна, порача Обама во изјавата од Белата куќа и му честиташе на либискиот народ што реши да си ги побара правата.
Обама подвлече дека Либијците сега имаат голема одговорност да изградат севклучително, толерантно и демократско општество. Претседателот ја повика новата либиска власт да продолжи да соработува со меѓународната заедница на обезбедување на опасниот арсенал и да ги почитува правата на граѓаните.
Патот до целосната демократија нема да биде прав и ќе има нови тешкотии, но САД се посветени да му помогнат на либискиот народ, порача првиот човек на САД.
Сенаторот и поранешен републикански кандидат за претседател Џон Мекејн изјави дека смртта на Гадафи означува крај на првата фаза на либиската револуција. Тој ги повика САД и европските сојузници да ја зајакнат поддршката за Либија.