Линкови за пристапност

Американски сенатори повикуваат на интервенција во Либија


Американски сенатори повикуваат на интервенција во Либија
Американски сенатори повикуваат на интервенција во Либија

Двајца водечки американски сенатори ја повикаа администрацијата на претседателот Обама да ја признае либиската опозиција и да воведе зона за забранети летови со цел да им помогне на бунтовниците кои војуваат со силите лојални на лидерот Моамар Гадафи. Сенаторите претставија и резолуција со која повикаа на итна американска интервенција во Либија.

Републиканскиот сенатор Џон Мекејн од Аризона рече дека состојбата во Либија значително се влошува:

„Во моментов, противниците на полковникот Гадафи и неговите поддржувачи се борат за опстанок. Гадафи спроведува бесмилосна кампања на насилство врз либискиот народ, користејќи ги сите расположиви средства“, истакна Мекејн.

Силите лојални на либискиот лидер продолжуваат со офанзивата во градовите во источниот дел на земјата кои се под контрола на бунтовниците.

Изминатата недела, напредокот на бунтовниците беше запрен. Опозиционите сили мораа да се повлечат 200 километри.

Зборувајќи од Сенатот, Мекејн рече дека САД не можат да останат на маргините на конфликтот и да гледаат како Гадафи ја враќа контролата врз Либија:

„Најпрво, претседателот Обама треба да го признае Либискиот транзиционен национален совет со седиште во Бенгази како единствен владин авторитет во Либија, како што го стори Франција. Второ, претседателот треба да преземе итни чекори во правец на воведување зона за забрана на летови во Либија, заедно со меѓународната заедница“ изјави сенаторот од Аризона.

Во саботата, арапската Лига ја поздрави идејата за воведување зона за забрана на летови и најави дека ќе побара од Советот за безбедност на ОН да воведе такви рестрикции. Белата куќа рече дека ја поздравува позицијата на арапската Лига и оцени дека меѓународната заедница е обединета во испраќањето заедничка порака дека „насилството во Либија мора да запре“.

Мекејн рече дека самата зона за забрана на летови нема да значи и пораз на силите на Гадафи, но ќе овозможи поддршка за бунтовниците кога најмногу им треба:

„Либијците самите сакаат да се борат против Гадафи. Но, тие сакаат фер војување. И ние би требало да се залагаме за тоа.“ вели Мекејн.

Претседателот Обама рече дека Гадафи е „на погрешната страна од историјата“ и оти американскиот лидер не одлучил за било каква воена акција, иако се` уште ја разгледува можноста за воведување зона за забната на летови. Критичарите велат дека воведувањето на таквата зона е акт на војна и ќе ги вовлече САД во уште еден конфликт во арапскиот свет на страна на сили чии крајни намери не се` до крај јасни.

Ваквите аргументи ги отфрли независниот демократски сенатор Џо Либерман од Конектикат, кој ја поддржа предложената резолуција. Либерман рече дека анти-тоталитарната револуција која за зафати Северна Африка не смее да запре во Либија:

„Постои опасност ова што се случува во Либија да значи ѕид каде завршува мирољубивата демократска револуција во арапскикот свет. И таа „арапска пролет“ може да биде како „прашката пролет“ во 1968-ма. Едноставно, не можеме да дозволиме тоа да се случи“, предупредува Либерман.

Со недели, двајцата сенатори повикуваат на поактивен одговор на САД на настаните во Либија. Во САД, извршната власт има одговорост за спроведување прашањас од доменот на надворешната политика.

Конгресот може да го повика и го советува претседателот за прашања од надворешната политика. Ако биде усвоена, предложената резолуција во Сенатот не може да го принуди претседателот Обама да интервенира во Либија, но може да додаде политичка тежина за било која одлука, која тој би ја донел.

XS
SM
MD
LG