Кои се Македонците? Наслов кој деновиве, повеќе од вообичаено, е интересен во Конгресната библиотека во Вашингтон, рефлектирајќи ја дебатата околу промената на името на државата.
Овој, и многу други наслови, и натаму ја претставуваат македонската колекција, но, под кое име ќе се пребаруваат во иднина е нешто што Библиотеката доправа ќе го одлучи, зависно од промените дома.
„Ако името на државата се промени, нашиот Оддел за политика и стандарди ќе треба да се состане и да донесе одлука дали и како ќе го промени каталогот, за да може тој да го одрази новото име на државата“, вели Анџела Кенон од Конгресната библиотека.
За Кенон ова не е нова ситуација. На пример, распаѓањето на Советскиот сојуз довело до промена на насловите за пребарување во Библиотеката, кои оттогаш биле заменети со Руска Федерација.
Од аспект на библиотекарка, за неа ова ќе значи уште еден слој на комплексност во идентификување на историските материјали за Македонија.
„Предизвикот е тоа што границите на државата се променети, а со тоа и концептот. Мора да им објасниме на луѓето дека има различни наслови за различни периоди“, вели таа.
Македонија била дел од Отоманската имерија, од Бугарија, од Кралството Југославија и од Комунистичка Југославија, пред да стане своја држава.
Затоа, вели Кенон, за да се најде дел од македонската историја треба да се пребарува и во државите околу нејзините граници, што ја прави уникатна.
Улога во тоа имаат и весниците, кои ги нарече Нацрт-верзија на македонската историја и извор за сите сегменти во општеството.
„Конгресната библиотека прави договор со нашите соработници во Македонија за да може да обезбедиме материјали кои се важни за нашата колекција, а кои дотогаш не ни` биле понудени“, додава Милиша Петронијевиќ, специјалист за Југоисточна Европа.
Такви се мапите, меѓу кои и една од најстарите сочувани, а која ги отсликува старите граници на државата.
Конгресната библиотека рече дека нема да зазема страни за тоа која перспектива ја имаат луѓето во врска со македонската историја, и најави дека ќе продолжи да обезбедува материјали на сите јазици, и од различни аспекти, кои студентите и историчарите сами ќе ги проценуваат.
Facebook Forum