Линкови за пристапност

Укинувањето на Законот за антидискриминација е чекор назад за Македонија, реагира најголемата лоби група во САД за заштита на ЛГБТИ лицата


Фото: Ројтерс

Со или без закон, овие луѓе имаат право на живот без насилство и дискриминација, а Владата е должна да ги заштити, вели Џин Фридберг од Кампања за човекови права во Вашингтон

Владата е должна да ги штити ЛГБТИ лицата, и покрај тоа што Уставниот суд го укина Законот за антидискриминација минатиот месец, вели Џин Фридберг од Кампања за човекови права, најголема лоби група во САД за поддршка на ЛГБТИ заедницата.

„Со или без закон, овие луѓе имаат право на живот без насилство и дискриминација. Владата има обврска да ги заштити граѓаните. Тие се права кои сите граѓани ги имаат, независно дали се работи за ЛГБТИ лица или не. Секој има право на слободно изразување, и да го живее животот автентично“, изјави Фридберг за Гласот на Америка.

Таа вели дека укинувањето на законот е разочарувачка вест и чекор назад за државата, но, оти се надева дека ќе биде донесен повторно, земајќи предвид дека бил укинат поради техничка грешка.

„Ова е важна дискусија, особено во овие денови на КОВИД, кога ЛГБТИ заедницата во светот се најде во тешка ситуација да биде диспропорционално афектирана од последиците на пандемијата. Треба да бидеме внимателни“, вели таа.

Според неа, државата мора да има високи стандарди за заштита на човековите права, како земја која се движи кон ЕУ и пошироката евроатлантска заедница.

Овој закон беше одлучувачки Холандија да ѝ даде на државата согласност за почеток на пристапните преговори со ЕУ.

„Законот ќе помогне да се промени односот кон оваа заедница, иако не зависи само од него како ќе бидат третирани овие лица“, додаде Фридберг.

Фото: Ројтерс

Истражувањата и јавните анкети покажуваат дека генерално се менува третманот на ЛГБТИ заедницата во Македонија и во Европа, нагласи таа.

Потенцираше дека иако јуни е месец на гордоста, нема да има маршови по улиците поради пандемијата, но, истакна дека социјалните медиуми се платформа каде може да се крене свеста за тоа што значи да се биде ЛГБТИ лице.

Овој месец се одбележува и 50-годишнината од почетокот на ЛГБТИ парадите во САД. Првиот марш на гордоста се случил во Њујорк на 28 јуни, 1970-та година.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG