Линкови за пристапност

Без ЛГБТИ права - нема влез во ЕУ


ЛГБТ заедницата во Македонија по Орландо
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:57 0:00

Шон Гејлорд од американската непрофитна организација Human Rights First вели дека Македонија има обврска да ги заштити правата на сите.

Закани по живот и говор на омраза. Вакава е состојбата со ЛГБТИ луѓето во Македонија, по масовното убиство во Орландо, САД, вели Биљана Гинова од Центарот за поддршка на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Скопје.

„ Од она што досега го имам пријавено како информација, е дека двајца геј мажи во Косово беа претепани, најмалку една лезбејка беше нападната во Љубљана, а кај нас во Македонија добивме закани по живот, односно добивме порака дека ако стапнеме во Битола ќе бидеме убиени“, вели таа.

Шон Гејлорд, адвокат за правата на ЛГБТИ луѓето од организацијата Human rights first во Вашингтон, вели дека оваа ситуација ќе биде проблем, се додека Владата не најде начин за подобрување на правата на овие лица.

„САД постигнаа многу во подобрување на квалитетот на состојбата со ЛГБТИ заедницата, но и тука може да се видат епизоди на омраза, напади на инсититуции, и ЛГБТИ поединци како субјекти на насилство. Се надевам дека овој пример и` дава на секоја држава шанса да застане и да размисли што може да направи за безбедноста на сите граѓани. Очигледно САД тоа треба да го направат сега, да размислат што можат да направат подобро, со цел да спречат други епизоди како Орландо. Се надевам, сите земји ќе го искористат овој пример, за да ги подобрат нивните ситуацуии“, изјави Гејлорд за Гласот на Америка.

Гинова вели дека Орландо повторно ги отворило прашањата за нападите на ЛГБТИ луѓето во Македонија, кои се` уште немаат институционална разрешница.

„Ние се` уште трпиме насилство и закани, за што државата не презема ништо. ЛГБТИ Центарот за поддршка досега шест пати беше нападнат, и ниту еден случај не е решен. Имало и бројни напади врз индивидуални ЛГБТИ и активисти, и ниту еден од нив не е решен“, открива таа.

Ако Македонија има аспирација да биде дел од Европа и од меѓународната заедница, изгледа дека чекори во погрешна насока.
Шон Гејлорд, Human Rights First

За овој проблем, пак, Гејлорд смета дека е потребна промена на легислативата.

„Промената на легислативата нема да биде брз процес, бидејќи ќе треба да се обезбеди поддршка за тоа. Судските случаи очигледно ќе можат многу да влијаат во насока на заштита на правата, како и дефинирање на стратегии, со кои пошироката јавност ќе се навикне на ЛГБТИ луѓето. Ако сето ова се одвива истовремено, ќе уследат позитивни промени“, вели адвокатот.

Тој додава дека законите со кои се ограничуваат правата на овие луѓе, како и обидите бракот во Уставот да биде дефиниран како хетеросексуална заедница, не придонесуваат за подобрување на ситуацијата, туку само можат да го зголемат насилството.

„Мислам дека постоењето на закони, со кои групи луѓе имаат помалку права и заштита, ќе доведе до насилство и дискриминација. Ако Македонија има аспирација да биде дел од Европа и од меѓународната заедница, изгледа дека чекори во погрешна насока“, смета Гејлорд.

И Гинова и Гејлорд нагласуваат дека е потребна поголема поддршка од јавноста. Активистката од Македонија апелира политичарите да се вклучат во решавање на проблемите, а адвокатот сугерира и познати личности јавно да говорат за проблемите.

„Ако направиме една паралела со Америка, претседателот Барак Обама рече дека сите ресурси се на располагање за разрешување на случајот во Орландо. Кај нас тоа никогаш не се случило“, вели Гинова, а Гејлорд додава:

„Tоа може да се случи преку познати луѓе кои зборуваат позитивно за ЛГБТИ луѓето, може да бидат бизнисите лоцирани во Македонија, кои ги следат примерите на меѓународните бизниси, преку обезбедување поддршка за ЛГБТИ работниците, а може да бидат родителите и членови нa нивните семејства“.

Гејлорд порача Македонија да ги следи позитивните примери во светот сака да биде дел од Европската унија, и да не остане зад Африка, Латинска Америка и Азија.

Тој најави можност за работа во Македонија, со цел подобрување на состојбата со ЛГБТИ лицата, преку споделување на искуства од САД за обезбедување еднаквост меѓу граѓаните.

XS
SM
MD
LG