Се` уште е тензично на грчкиот остров Лезбос, еден ден откако полицијата употреби солзавец и гранати за зашеметување против демонстрантите кои протестираа поради владината политика за бегалци и посетата на премиерот Алексис Ципрас.
Во еден момент во четвртокот демонстрантите се обиделе да превртат полициски автобус.
Грците кои живеат на Лезбос и на четири други грчки острови се лути поради договорот од 2016-та година меѓу Грција, Турција и Европската унија.
Договорот им овозможува на мигрантите од Турција кои се обидуваат да стигнат до Европската унија да бидат сместени на грчките острови за евентуална депортација назад во Турција, доколку не докажат дека имаат валидна причина за азил во Грција.
„Владата треба да направи нешто за мигрантите и бегалците. Капацитетот е две, три илјади но тие претераа. Минатата година имавме 18 илјади бегалци и сега ќе се случи истото.Полињата се пополнуваат, веќе почнаа и да ги палат. Не знам што да речам“, рече Јоанис Вачеванис, жител на село Морија.
Повеќе од 15 илјади бегалци се наоѓаат на петте грчки острови, а барањата за азил се процесираат бавно.
Ципрас го бранеше договорот со ЕУ и Турција, велејќи дека работите биле многу полоши пред договорот и дека неговата влада работи на случајот.
Властите велат дека ваквата ситуација би можела да потрае уште неколку месеци заради што се потребни и поголем персонал и засолништа за бегалците.
Facebook Forum