Линкови за пристапност

Големото срце на Ленче


Најприсутната Македонка во светските медиуми годинава, која дел од бегалците ја споредуваа и со Мајка Тереза, скромно вели дека нивните насмевки и се најголема награда

„Изборот на ‘Жена на годината’, интересот на домашните и странски медиуми за мојата работа, како и ред други признанија, ги чувствувам како заеднички успех на семејството, на соседите и на пријателите, па и на целата македонска јавност... Моето семејство ми беше главната поддршка, за во помошта подоцна да се вклучат и пријателите, соседите, па и голем дел од македонската јавност“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, велешанката Ленче Здравкин.

Жената која во изминатава година беше најприсутната Македонка во светските медиуми, кои је величеа нејзината хуманост и ја споредуваа со Мајка Тереза, деновиве во изборот на еден македонски портал беше прогласена за „Жена на годината“. Ситната жена, сопруга и мајка со огромно срце (чие име, низ солзи, го повторуваа стотици бегалци од воените жаришта и економски мигранти, заблагодарувајќи и се на арапски или на пашту, всушност, секој на својот јазик, а сепак, сите извонредно се разбираа...), и после сé, што направи за трагичните ликови кои бегајќи од стравот и маките, транзитираа низ Македонија, остана скромна, велејќи ни дека за неа, најголема награда - е секоја насмевка на бегалците.

„Веќе две и пол години се соочувам со бегалците и бегалската криза, со нивната голгота по морињата, автопатиштата, железничките пруги..., со нивното минато. Поминувајќи пред мојот дом, кој се наоѓа до самата пруга, наидував на големи групи млади момчиња, кои воопшто не се разликуваа од моите деца. Наидував на семејства со по три-четири мали дечиња кои немаа јадено и по неколку денови, наидував и на стари луѓе кои пешачејќи со месеци, по пат ги загубиле своите синови... Наидував и на мајки кои во стомакот ја носеа својата прва рожба. Целата таа ситуација за мене беше тешка и болна и не требаше време или чекање, за да почнам да помагам“, изјави Здравкин за Гласот на Америка на македонски јазик.

И помагаше, со убав збор и топла облека, со храна и вода, со насмевка... Најпрвин, на железничката пруга на која имаше смртни случаи на бегалците, во периодот кога тие со денови пешачеа или со велосипеди ја минуваа Македонија, а куќата на Здравкин беше своевиден прифатен центар. Последниве месеци, по донесувањето на законот на 19 јуни и отворањето на центрите, Ленче и понатаму помага, откако речиси секојдневно, од Велес ќе допатува во Прифатниот камп во Гевгелија или во Транзитниот центар во Табановце. Ги дочекува луѓето на грчко-македонската граница, и ги испраќа на македонско-српската граница, охрабрувајќи ги на нивната мачна рута кон Германија или другите држави на Западна Европа.

„Сите институции, УНХЦР, Министерството за внатрешни работи, невладините организации, граѓаните, рамноправно, рамо до рамо, сите заедно го понесовме товарот – помош за бегалците. Можам да кажам дека Македонија е мала земја, но Македонија положи еден тежок испит пред светот. Македонскиот народ со својата хуманост се искачи на едно високо скалило во светски рамки. Македонија докажа дека е земја на сонцето и на солидарноста!“, ни изјави Здравкин.

Од 19 јуни кога беа усвоени измените на Законот за азил, издадени им се потврди за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил на вкупно 334.220 странски државјани, од Сирија - 192.641, од Авганистан -80.986 и од Ирак - 39.152 лица...

Барем еден дел од нив, засекогаш ќе го помнат името на Ленче од Македонија.

XS
SM
MD
LG