Линкови за пристапност

Лекари апелираат: Жени од руралните средини во Македонија со години не посетиле гинеколог


Прегледите во руралните средини ги врши мобилна амбуланта со медицински тим од клиниката за гинекологија и акушерство од Скопје
Прегледите во руралните средини ги врши мобилна амбуланта со медицински тим од клиниката за гинекологија и акушерство од Скопје

Мобилна гинеколошка амбуланта, беше во посета на општина Дебрца, каде педесеттина жени имаа можност да направат гинеколошки прегледи и пап тест

Со години жени од руралните средини во Македонија не посетиле гинеколог, и не ги направиле неопходните редовни гинеколошки прегледи. Ваков е впечатокот на лекари, кои деновиве, како дел од мобиланата гинеколошка амбуланта, посетија населени места во руралната општина Дебрца близу Охрид. Со цел превенција од рак на грло на матка, педесеттина жени ја искористија можноста за бесплатни прегледи и пап тестови.

„Ваквите прегледи се важни за сите жени, а особено за жените од руралните средини, чија што достапност до гинеколог во денешно време е отежнато. Нашата цел е да ги мотвираме, да ги потикнеме, со тоа што ќе бидеме поблиску до нивниот дом, затоа што се бесплатни, а се многу значајни за нив, да дојдат на преглед, кој преглед за нив може да значи живот во некои ситуации“, вели Ива Панева, асистент-лекар.

Жените кои што многу долго време, самите кажуваат не биле на гинеколог, дури и со години, кога ќе дојдеме тука се осмелуваат и самите доаѓаат на преглед
Ива Панева, асистент-лекар

Прегледите ги врши медицински тим од клиниката за гинекологија и акушерство од Скопје.

„Жените кои што многу долго време, самите кажуваат не биле на гинеколог, дури и со години, кога ќе дојдеме тука се осмелуваат и самите доаѓаат на преглед. Се прави и ултразвучен преглед на гениталните органи и ако има потенцијални опасности, доколку е потребно се препраќаат потоа во соодветни установи за третман. Тоа е основа за превенција на голем број на болести“, додава Панева.

Волонтери од Црвен крст, им даваа подршка на лекарите, како и на заинтересираните пациентки.

„Има доста интерес. На список имаме по 12 пациентки на ден со точен термин, кој и кога да биде тука. Од сите возрасти има, сите кои живеат овде. Сите кои беа овде, искажаа задоволство дека има потреба од вакво нешто“, вели Арсени Ѓоршески, волонтер во Црвен крст - Охрид.

На жените од руралните средини им е помалку достапен редовен гинеколошки преглед. Во овие места, речиси никаде нема матични гинеколози, што е сериозен проблем за женското здравје.

„И тие пречки преку овие мобилни амбулатни ние ги преминуваме успешно“, вели Панева.

Само во општина Дебрца има триесет населени места, со околу 4000 жители.

„Ние имаме од општа медицина амбуланта, но немаме гинеколошка амбуланта. Во сите годишни програми на општината, сме ставале и вакви активности“, вели Зоран Ногачески, градоначалник на општина Дебрца.

Ногачески вели дека е повеќе од потребно, ваквите активности да бидат почести, за да им се помогне на жените од овој крај.

„За нас се значајни овие активности,бидејки придонесуваат се поголем број на жени кои живеат во нашата средина, кои од разно разни причини не отишле на редовните гинеколошки прегледи истите да ги направат. Прво одалеченоста, второ немањето на гинеколошка амбуланта, трето менталитетот на луѓето“, додава Ногачески.

Мобилната гинеколошка амбуланта, досега посетила многу рурални и приградски средини насекаде низ државата.

XS
SM
MD
LG