Линкови за пристапност

Лекар кој злоставувал американски гимнастичари избоден во затвор


Лери Насар, поранешен доктор на американски гимнастички тимови, осуден за сексуално злоставување на стотици млади спортистки, е во стабилна состојба откако бил прободен десет пати од затвореник.

59-годишниот Насар бил нападнат во неделата попладне во федералниот затвор во Самтервил, Флорида, каде ја отслужува казната, потврдил за АФП Џо Рохас, претседател на локалниот синдикат на затворски чувари.

Поранешниот лекар бил избоден двапати во вратот, шест пати во градите и два пати во грбот, изјави Рохас и додаде дека според последните информации состојбата на Насар е „стабилна“.

Кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година, Лари Насар се изјасни за виновен за сексуални напади врз спортистки, во периодот кога работеше како спортски лекар за женскиот тим за гимнастика на САД, како и на Државниот универзитет во Мичиген. Тој е осуден на 175 години затвор.

Стотици жени - вклучувајќи ги Симон Билс, Ели Рајсман и МекКејла Марони - кои освоија златни медали за САД на Олимпијадата - го обвинија Насар дека сексуално ги злоставувал за време на кариерата која траеше повеќе од две децении.

Бирото за затвори на САД одби да го коментира нападот врз Насар, поради грижа за неговата приватност, но како одговор на прашањата на новинарите рече дека „затвореник“ го нападнал во саботата попладне во затворот Колман и дека бил одведен во локална болница. Вработените во болницата веднаш покренаа мерки за спасување на животот“, соопштија од затворското биро.

„Федералното биро за истраги е известено и во тек е внатрешна истрага“, се додава во соопштението.

Во 2021 година, жртвите на Насар се договорија со Гимнастичката федерација на САД и добија отштета од 380 милиони долари, една од најголемите штети што некогаш ја добиле жртвите на сексуален напад. Гимнастичката федерација поднесе барање за стечај во 2018 година, по бранот нови обвинувања против Насар.

Државниот универзитет во Мичиген се согласи да плати отштета од 500 милиони долари на стотици жртви на Насар во 2018 година.

Затворот во кој Насар ја отслужува својата казна е установа со високо обезбедување и во моментот се сместени 1.214 машки затвореници, според американското биро за затвори. Рохас, претставник на синдикатот на стражарите, вели дека затворот моментално има „сериозна криза со недоволно персонал“.

XS
SM
MD
LG