Линкови за пристапност

Продолжува потрагата по исчезнатите во Бејрут


Спасувачите ja продолжуваат потрагата по исчезнатите по масовната експлозија во вторникот во пристаништето во Бејрут, додека во посета на земјата е францускиот претседател Емануел Макрон кој предупреди дека без сериозни реформи државата ќе продолжи да слабее.

Министерството за здравство соопшти дека бројот на загинати се искачи на 137, додека повеќе од 5000 лица се повредени во експлозијата. Властите очекуваат дека бројот на загинати ќе се зголеми.

Макрон денеска го посети Бејрут за да се состане со политичките лидери. Франција, поранешна колонијална моќ во Либан, испраќа лекари за итни случаи и неколку тони медицинска опрема.

Макрон рече дека неговата посета е „можност да се оствари искрен и предизвикувачки дијалог со либанските политички сили и институции“. Макрон исто така предупреди дека „ако не се направат реформи, Либан ќе продолжи да тоне“.

Кабинетот на Либан прогласи дводневна вонредна состојба и нареди војската да ги спроведе во куќен притвор сите што беа вклучени во складирање експлозивни материи што детонираа во пристаништето.

Властите испитуваат што доведе до експлозијата, а лидерите го ставија фокусот на, како што велат, тони амониум нитрат, кои биле чувани во пристанишните складишта во последните шест години.

Претседателот Мишел Аун вети дека одговорните ќе се соочат со „најстроги казни“.

Либански службеник, кој е цел во истрагата, се обиде да ја префрли вината за експлозивите во пристаништето. Бадри Дахер, шеф на царинскиот оддел, за телевизијата Ел-Би-Си доцна во средата изјави дека службените лица испраќале дури шест писма до судството во текот на годините во кои барале амониум нитратот да се отстрани поради тоа што претставувал потенцијална опасност.

Хјуман рајтс воч, во меѓувреме, повика на независна истрага за експлозијата. Во изјавата објавена во средата, глобалната невладина група соопшти дека либанската влада треба да покани меѓународни експерти да спроведат истрага за „утврдување на причините и одговорноста за експлозијата и да препорача мерки за да се осигури дека не може да се повтори“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG