Линкови за пристапност

Либан – мека за пластична хирургија


Либан – мека за пластична хирургија
Либан – мека за пластична хирургија

Пластичната операција е хит во Либан. Лекарите велат дека земјата е преплавена со жени кои се заинтересирани за ваква интервенција поради бројните експерти и пристојните цени.

Мари Рајне Акл е на контрола, само две недели по пластичната операција на носот. За да ја отстрани, како што вели самата, неатрактивната грпка на носот, Акл се решила на операција кај д-р Елијас Чамас, пластичен хирург во Меѓународниот медицински центар Хазмие.

„Не жалам, не изгледаше убаво. Сега е се` во ред, ми се допаѓа. Ако се омажам и имам ќерка со сличен проблем, и нејзе ќе ја охрабрам да направи операција на носот“, вели таа.

Според Либанското здружение за пластични и реконструктивни операции, порастот на барањата за вакви интервенции пред се` се должи на пристапните цени. Чамас раководи со клиника каде се вработени 23-ца хирурзи.

Тој вели,на плажа, во ресторан, насекаде ќе видите луѓе со фластери - на нос, на гради... а бројот на пациенти во болницата бил удвоен, а можеби и тројно зголемен.

Чамас самиот дневно прави по неколку операции, од зголемување на гради, корекција на носот, па се` до отстранување на маснотии од телото или липосукција. Додава дека странските клиенти воедно ги привлекуваат туристичките атракции и либералниот начин на живот во Либан.

Зина ал Хаџ е на чело на туристичка компанија од Обединетите Арапски Емирати која организира аранжмани за Либан – пластична операција и одмор во оваа земја.

„Либан започна со пластичната хирургија по војната, во обновата, кога требаше да се отстранат последиците на воените ѕверства. Лекарите стекнаа голема репутација поради стекнатото искуство“, вели Хаџ.

Тоа искуство, вели д-р Чамас, заедно со релативно поволните цени - 2.600 долари за операција на нос наспроти 6 до 7.000 долари за истата интервенција во Европа, прават Либан да стане рај за луѓето заинтересирани за ваков вид на зафати.

XS
SM
MD
LG