Глас на Америка: Г-це Зајкова, учествувате на Меѓународната програма за лидерство која е во организација на американскиот Стејт Департмент. За каков вид на програма станува збор?
Моника Зајкова: Учествувам на меѓународна програма за лидерство по номинација на амбасадата на САД во Република Северна Македонија која што програма опфаќа прашања во областа на безбедноста и одбраната во пресрет на НАТО самитот кој што ќе се одржи во Вашингтон во месец јули. Голем дел од средбите се во Белата куќа, во Стејт Департментот, во Атланскиот совет, имавме можност да оствариме неколку средби во Пентагон и истите се голем дел off record односно класифицирани информации, но она што може да очекуваме дека САД и Европа ќе ја зголемат соработката во НАТО алијансата и фокусот на овој самиот повторно останува помошта за Украина.
Глас на Америка: По завршувањето на парламентарните избори рековте дека ќе дејствувате „независно“ како пратеничка. Што ќе значи тоа?
Моника Зајкова: Секој од пратениците треба да дејствува во суштина независно во рамки на она што е во интерес на граѓаните, но и она што e интерес за напредокот на државата. Тоа не е ништо ново иако предизвика низа на реакции мојата изјава (и) значи дека Моника Зајкова како пратеник ќе дејствува независно во однос на политиките на коалицијата во делот на поддршка на она што значи добри закони за граѓаните, но и добри одлуки за државата.
Впрочем и во изминатиот парламентарен состав, каде кога бевме двајца пратеници од страна на Либерално-демократската партија често пати можеше да се види дека ЛДП согласно своите програмски определби и својот либерално-демократски концепт има поинакви размислувања од коалициските ... ЛДП ќе дејствува исклучиво врз основа на она што е наша програмска заложба, но и ќе даде поддршка на се она што значи реформа на државата, напредок на државата, но и добар животен стандард на граѓаните.
Глас на Америка: Тоа значи дека останувате во коалицијата со СДСМ?
Моника Зајкова: Така, остануваме во коалицијата меѓутоа нема да бидат изненадени граѓаните ако видат дека некогаш имаме различни мислења по одредени прашања.
Глас на Америка: Дали во изминатиов период имавте разговори со ВМРО-ДПМНЕ и дали добивте понуда да преминете во владејачкото мнозинство?
Моника Зајкова: Како политички партии секогаш имаме комуникација едни помеѓу други, меѓутоа овој пат не се разговорите во делот на преминувања од едно во друго мнозинство, далеку од тоа. Не сме имале такви разговори, но нормално дека во собранието имам комуникација со пратениците од сите пратенички групи.
Глас на Америка: Ќе гласате за реорганизација на владата што ја предложи г-динот Христијан Мицкоски?
За поздравување е тоа што имаме ново Министерство за енергетика, која што е клучна област во државата- Моника Зајкова
Моника Зајкова: И тоа е добро прашање, затоа што уште во својата програма во 2011 година „Има излез“, впрочем јас неколку пати во текот на кампањата напоменав дека програмата на ВМРО-ДПМНЕ во голем дел всушност е преземена од програмата „Има излез“ на ЛДП која што ни е програма во делот на оние правци кои не беа исполнети, ја потврдивме и на тематската конференција „Секој е важен“ во ноември изминатата година. Од тука, бидејќи една од заложбите на ЛДП беше токму реорганизација на органите на државната управа, но и на министерствата, ЛДП ќе даде поддршка на овој закон затоа што сметам дека со истиот ќе се разграничат односно ќе се до дефинираат надлежностите на одредени министерства.
За поздравување е тоа што имаме ново Министерство за енергетика, која што е клучна област во државата. Досега беше оставено само на еден сектор во Министерството за економија. За поздравување е тоа што имаме Министерство за демографија и млади бидејќи ... навистина беше потребно вакво министерство, така што да дадеме шанса на законот и да видиме дали ќе ги покаже своите предности во праксата, бидејќи секој закон кога ќе се донесе треба да има одреден период на имплементација, да видиме како истиот ќе функционира во праксата и добро е она што се прави јасна дистинкција во однос на инспекторатите, на инспекциските служби кои што сметам дека навистина треба да работат поефикасно во делот на дејноста заради која што се формирани.
Глас на Америка: Кој е вашиот став во однос на изјавите на претседателката Сиљановска-Давкова и мандатарот Христијан Мицкоски дека ќе го користат името „Македонија“ наместо уставното име „Северна Македонија“?
Моника Зајкова: Јас, колку што видов во една изјава на г-динот Христијан Мицкоски, инаку не би сакала да коментирам туѓи изјави, но видов дека се однесува на тоа дека ќе се почитува Преспанскиот договор и мислам дека треба да одат во насока на почитување на истиот, иако голем дел од кампањата, нели, ја потрошија дека истиот не е добар. Ние всушност со присуството на НАТО самитот тука ги уживаме бенефициите од тој договор ... и сметам дека темите кои што се затворени треба повторно да ги отвораме.
Знам дека и грчката страна го користи овој момент бидејќи не треба да заборавиме дека се европски избори и дека сите се натпреваруваат за поголем број пратеници во Европскиот парламент, па дури прочитав една изјава од Мицотакис дека на НАТО самитот ќе се отвори прашањето од Преспа, но не знам колку е тоа сериозна изјава бидејќи овде самитот по она што можев да го забележам од средбите ќе биде генерално на воената помош, воената индустрија кои што ќе одат во насока на помошта за Украина.
Носевме одлуки кои што беа навистина тешки, како за нас како политичари така и за граѓаните- Моника Зајкова
Глас на Америка: На што се должи неуспехот на изборите на Коалицијата предводена од СДСМ во која е дел и ЛДП?
Моника Зајкова: Оваа коалиција вложи огромни напори да ја придвижи Македонија на евроинтегративниот пат односно да ја приближи поблиску до Европа и да ги започнеме оние преговори. Носевме одлуки кои што беа навистина тешки, како за нас како политичари така и за граѓаните. Она за кое што може да си признаеме дека можеби е прашање кое што забележа многу мал прогрес е кај владеењето на правото и корупцијата.
Едноставно, изборот на граѓаните е таков, волјата треба да се почитува, затоа имаме фер и демократски избори и наративот и политиките на оваа коалиција од граѓаните беа на некој начин непрепознаени или можеби санкционирани. Еве, ќе дадеме шанса да видиме како ќе постапува новата влада која доби сериозно мнозинство и поддршка од граѓаните, но со тоа и огромна одговорност и очекувања од истите.
Глас на Америка: Какви се вашите моментални односи со коалициниот партнер СДСМ?
Моника Зајкова: Ние со коалициониот партнер имаме коректни односи. Сите коалиции не се базираат затоа што вие сте истомисленици, но затоа што делите одредени вредности кои што се слични вредности. Одлуката за оваа коалиција беше пред се’ од фактот на побрзо движење на евроинтегративниот процес каде што постоеше јасна и недвосмислена волја искажана од страна на коалицијата, така што тие односи остануваат коректни, но не треба да заборавиме дека ЛДП е посебен политички субјект и има право на свои политики бидејќи има своја програма која што треба да ја застапува во парламентот, за која што треба да се бори и тука не гледам проблем.
Глас на Америка: Има пет кандидати за избор за претседател на СДСМ. Кој кандидат би бил ваш избор и зошто?
Моника Зајкова: СДСМ си е посебна партија и јас не би се мешала во нивните одлуки. ... Јас како лидер на друга политичка партија можам само да им посакам успех на кандидатите, а нормално дека не можам никого да фаворизирам бидејќи за мене единствена идеологија која што ја фаворизирам и постои е либерално-демократската.
Глас на Америка: За крај на овој разговор, каде ја гледате иднината на Либерално-демократската партија?
Моника Зајкова: Либерално-демократската партија мислам дека може да стане третата политичка сила во македонскиот политички блок. Впрочем, некогаш и беше таму и центарот е доста празен во Македонија, така што мислам дека имаме сериозни шанси со прогресивна политика да го наметнеме концептот на либерално-демократско општество кој што, пред се’, значи почитување на правото на секој еден граѓанин, кој што значи еднаквост, но и силен правен систем и правен поредок кој што е гаранција понатаму за силна, развојна економија и за среќни граѓани.
Facebook Forum