Линкови за пристапност

Напаѓачот во Лас Вегас имал план, но мотивот нејасен


Истрагата се обидува да дознае повеќе за мотивите на Падок

По повеќе од една недела откако Стивен Падок уби 58 лица и повреди скоро 500 други, инспекторите во Лас Вегас сè уште немаат откриено кој е мотивот за нападот и велат дека нивната главна цел е да ја откријат причината.

Шерифот на округот Кларк, Џо Ломбардо, вчера пред новинарите изјави дека Падок ги криел своите постапки во времето пред нападот, што го отежнува процесот на барање одговори.

Тој додаде дека локалната полиција работи со Федералното истражно биро (ФБИ) и Бирото за алкохол, тутун и огнено оружје во истрагата која вклучува аналитичари на однесувањето, посети на домовите на Падок, анализа на неговите електронски уреди и истрага на местото на настанот во Лас Вегас.

„Во моментов, ние не веруваме дека постои посебен настан во животот на осомничениот на кој треба да се фокусираме“, рече Ломбардо. „Ние веруваме дека тој одлучил да одземе нечии животи, имал план, и го спровел“.

Истражителите разговараат со еден од браќата на Падок, како и неговата девојка за неговите движења и контакти во времето кога го планирал нападот, како и за набавката на оружје.

Властите соопштија дека пронашле 23 парчиња оружје во собата во хотелот Мандалај Беј, каде Падок скршил прозорец и пукал кон концертот на отворено.

Тој во неговиот автомобил исто така имал супстанци кои ако се помешаат може да се направи експлозив, како и она што Ломбардо го опиша како „опрема за лична заштита“ во хотелската соба.

Шерифот рече дека има индикации дека Падок, кој се самоубил, планирал да избега откако властите одговориле на нападот.

Инспекторите досега не откриле докази дека постои друг напаѓач, ниту пак дека Падок бил поврзан со терористичка група или идеологија.

Ломбардо, исто така направи промена на временската рамка за нападот на 1-ви октомври. Тој претходно кажа дека Падок по нападот на концертот застрелал чувар во ходникот на хотелот, но подоцна кажа дека стражарот бил застрелан претходно.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG