Линкови за пристапност

Лариса Дир, Амбасадорка на Украина: За некој да размислува за преговори, прво треба да престанат да го убиваат


Украинската амбасадорка Лариса Дир се надева дека Северна Македонија ќе продолжи да ја поддржува Украина на воен план
Украинската амбасадорка Лариса Дир се надева дека Северна Македонија ќе продолжи да ја поддржува Украина на воен план

Руската федерација продолжува да ги убива нашите бранители, фрла балистички ракети и дронови врз цивилите, киднапира деца и држи воени и цивилни лица во заробеништво, вели украинската амбасадорка Лариса Дир во интервју за Гласот на Америка

Покана за членство во НАТО, воена помош, политичко единство на Европа, замрзнати руски средства, се дел од очекувањата што Украина ги има од сојузниците, од САД, од Европа, посочува, меѓу другото, амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир, во интервју за Гласот на Америка.

Амбасадорката Дир се надева дека Северна Македонија ќе продолжи да ја поддржува Украина на воен план, како и дека земјава би дала поддршка и за украинското зачленување во НАТО.

Глас на Америка: Русија веќе две години води инвазија врз Украина во која светот посведочи на бројни страдања, но и истрајност и храброст на украинските граѓани. Како денес истрајува украинскиот граѓанин и какви се неговите надежи и очекувања?

Руската вооружена агресија започна во февруари 2014 година со заземањето на Крим и распоредувањето на руските трупи во Донбас, а на 24 февруари 2022 година, агресијата се претвори во инвазија од големи размери на вооружените сили на рф во Украина. За време на целиот овој период, руските трупи вршат брутални воени злосторства, злосторства против човештвото, депортација и насилно преселување на украински деца во рф, ја уништуваат критичната инфраструктура на Украина.

Интензитетот на воените дејствија на фронтот останува висок
Лариса Дир

Како може да се гледа на хуманоидни суштества кои сакаат да го уништат вашиот дом и да ве убијат?!

Бранејќи се. Интензитетот на воените дејствија на фронтот останува висок. Вооружените Сили на Украина се посебни луѓе кои што ги чуваат небото и земјата, го задржуваат нападот. Секој што не е на фронтот помага, лекува, обновува, подучува. Силите за безбедност и одбрана се нашата надеж. Спасувачите кои први пристигнуваат на местата погодени од руските ракетни напади, лекарите, волонтерите се исто така многу посебни луѓе, тие се борат за животите на другите луѓе.

Протестен марш низ Скопје против руската инвазија врз Украина
Протестен марш низ Скопје против руската инвазија врз Украина

Посакуваме повлекување на руските окупаторски трупи

Во ваков формат на заштита и одбрана на Украина се надеваме и очекуваме. „Очекување“ е толку прилично мирен збор, но сепак значи доаѓање на посакуваниот настан за Украинците - тоа е, пред сè, прекин на огнот од страна на рф, повлекување на окупаторските руски трупи од територијата на Украина, враќање на воените заробеници и сите украински цивили кои се притворени од рф.

За ова да се случи, Украинците се борат, се спротивставуваат, спасуваат, обновуваат, создаваат меѓународни коалиции - воени, одбранбени, за враќање на украинските деца киднапирани од рф, работат на создавање на Специјален трибунал. Украина прави напори за имплементирање на Формулата за мир предложена од Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, имајќи го предвид фактот дека оваа Формула е сеопфатна за постигнување траен мир, надминувајќи ја тековната руска агресија.

Глас на Америка: Од една страна фронт и безбедносни ризици, а од друга страна општество кое треба да функционира. Како, после две години, се реорганизира Украина за да одговори на новите состојби?

Во услови на војна, која трае веќе трета година, реорганизацијата е неопходен услов за опстанок и заштита. Ова е титанска работа, особено за оние кои се наоѓаат на првата линија на фронтот, нашите војници, како и оние кои ја обезбедуваат линијата на фронтот.

Целта на нашите промени, реорганизацијата, е за време на војната да ја зајакнеме економијата, да продолжиме со структурните реформи, со оглед на то дека ова, меѓу другото, е и основа за привлекување на инвестиции за обновување на Украина, покрај поддршката од донатори.

Протест на украински и македонски граѓани против руската инвазија врз Украина - две години од нападот
Протест на украински и македонски граѓани против руската инвазија врз Украина - две години од нападот

Земјоделството обезбедува производи и за странскиот пазар

Мобилизацијата на напорите на Украинците, реорганизацијата е повеќеслојна:

- Обезбедување на работа на индустријата - развој на иновативни модели на опрема, преместување на производствени капацитети, имплементација на државни програми за создавање и развој на преработувачки претпријатија, создавање на индустриски паркови;

Значителен процент од територијата на Украина е минирана од русите

- За темпото на иновативниот развој, неопходно е да се обезбеди реформа во областа на интелектуалната сопственост, веќе е формирана Украинската канцеларија за интелектуална сопственост и иновации;

- Одбранбена индустрија – производство на оклопни возила, муниција, високопрецизно оружје, беспилотни летала, радари;

- Реорганизација на претпријатијата кои работат со деминирање, со оглед на тоа дека значителен процент од територијата на Украина е минирана од русите;

- Развој на ангро-индустрискиот комплекс, безбедноста на храната е еден од чекорите на украинската Формула за мир; во услови на војна, земјоделскиот сектор покажа висока стабилност и способност за производство на земјоделски производи, обезбедувајќи ги и домашниот и странскиот пазар.

Глас на Америка: На почетокот од инвазијата, во Украина се случи масовен бегалски бран и повеќе милиони Украинци ја напуштија државата. Какви се денес демографските состојби, имате ли сознанија за бројот на лицата што се вратија во земјата?

Според информациите на Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци, околу 6 милиони Украинци кои ја напуштиле територијата на Украина, спасувајќи се од руската агресија од големи размери, сега се надвор од границите на Украина. Тие имаат привремена заштита и права што таа ги обезбедува (до март 2025 година).

Протест на украински и македонски граѓани против руската инвазија врз Украина
Протест на украински и македонски граѓани против руската инвазија врз Украина

1.2 милиони Украинци се вратиле во земјата

Во Украина се вратени околу 1.200.000 лица, според проценките на Меѓународната организација за миграција.

Враќањето во Украина е поврзано со многу фактори, пред сè, тоа е прашање на безбедност, со оглед на тоа дека државата агресор рф секојдневно продолжува со ракетните и артилериските напади. Следниот важен фактор е домувањето - многу Украинци немаат можност да се вратат во своите домови, бидејќи тие беа уништени од русите. Друг важен фактор е можноста/неможноста за вработување и образование, не сите училишта имаат засолништа за бомби.

Можам да забележам дека во Украина се развива Стратегија за демографски развој. Потребата од Стратегијата е очигледна, вклучително и поради најголемата миграција на Украинците од времето на Втората светска војна поради војната што ја започна рф.

Лариса Дир: Руската агресија ги истакна слабостите и во меѓународното безбедносно опкружување
Лариса Дир: Руската агресија ги истакна слабостите и во меѓународното безбедносно опкружување

Од цели градови и села останати се само географски координати

Планирано е во Стратегијата да бидат вклучени следните проблематични прашања:

- Намалувањето на населението на Украина;

- Масовната присилна миграција;

- Нелегалната депортација на граѓани на Украина во државата агресор рф;

- Влошувањето на репродуктивното здравје поради психички и физички повреди;

- Зголемувањето на бројот на лица со попреченост;

- Стареењето на населението.

Неопходно е да се разбере дека некои украински градови и села имаат само географски координати, тие беа уништени од руските трупи, изгорени од руски ракети и артилерија. Тоа се траги од руските злосторства со бруталност од големи размери.

Мора да преживееме

Ниту една од државите уште од времето на Втората светска војна не се соочила со вакви демографски предизвици-проблеми.

Обезбедувањето на безбедноста, домувањето, работните места, образованието, здравствената заштита, процесите на интеграција – тоа сè е во процес на прилагодување и ќе треба со забрзано темпо да се прилагодува, обезбедува и обновува. Украина ќе ја подобри демографската ситуација - ова е целта, ова е стратегијата. Мора да преживееме.

Глас на Америка: Што е тоа што Украина го бара и го очекува од светот денес, односно од САД, од Европа, од НАТО?

Агресијата на Руската федерација, чија цел е уништување и на Украина и на Украинците, исто така ги истакна слабостите во меѓународното безбедносно опкружување, би рекла дека денес се работи за немање цврста основа на безбедносната архитектура.

Меѓународните односи кои постоеја до 24 февруари 2022 година претрпеа фундаментални промени, со оглед на тоа дека рф ги уништи основните принципи на овие односи. Државата агресор рф се обидува да изгради/наметне светски поредок со помош на сурова воена агресија и нуклеарна уцена, заснована на идеалите на третиот рајх, кои се отелотворуваа и се отелотворуваат преку обидот за блицкриг, окупација на територии и создавање логори, и преку дезинформации и пропаганда, преку спроведување на расни политики, и „избори“ на диктатурата.

Протест во Скопје за поддршка на Украина
Протест во Скопје за поддршка на Украина

Трансформација на меѓународната безбедност

Украина се бори со сите овие форми на зло. Со помош на САД, земјите од ЕУ и НАТО, Украина по цена на украинските животи го штити правото на Украинците да живеат на својата суверена територија, а исто така се обидува да обезбеди прогресивен развој на човештвото и да ги зачува универзалните човечки вредности. Уште еднаш - цената - непоправливи загуби - животите на украинските војници и цивили.

Другите постојани членки на Советот за безбедност на ОН мора во голем број да ја покажат својата волја за спротивставување на руската агресија
Лариса Дир

Сите знаат дека принципите на меѓународната и европската безбедност се прекршени од една од постојаните членки на Советот за безбедност на ОН - рф. Ова, во најмала рака, значи дека другите постојани членки на Советот за безбедност на ОН мора во голем број да ја покажат својата волја за спротивставување на руската агресија.

Според мене, следејќи го патот на трансформација на меѓународната безбедност, формирање на нови правила на меѓународна интеракција, руската агресија ќе доживее целосно фијаско кога секој субјект на меѓународните односи ќе изјави дека нема да има ништо заедничко со режимот на државата агресор, со режимот на убијци на Кремљ.

Разбирајќи дека постојат одредени држави кои го поддржуваат режимот на кремљ, што се забележува и при гласањето за украинските резолуции во рамки на Генералното собрание на ОН, Украина не се откажува од надежта дека ќе се случат позитивни демократски промени во нивниот светоглед.

Покана за членство на Украина во НАТО

Што се однесува до Вашето прашање за очекувањата од САД, земјите од ЕУ и НАТО, пред сè, ние секогаш високо ја цениме веќе обезбедената воена, финансиска и хуманитарна помош, што очекуваме – ќе го парафразирам она што многу јасно и конкретно веќе ѝ го пренесе на меѓународната заедница Претседателот Володимир Зеленски, меѓу другото ни требаат:

Партнерите можат да ја поканат Украина во Алијансата и да започнат пристапни преговори

- Воздушна одбрана;

- Артилериска муниција;

- Политичко единство на Европа;

- Одбранбена самодоволност на Европа;

- Замрзнати руски средства.

Во услови на херојски отпор на Украина на воената агресија од големи размери на Руската федерација, партнерите можат да ја поканат Украина во Алијансата и да започнат пристапни преговори.

Поканата не значи дека Украина веднаш станува членка на Алијансата. Поканата не го прекршува членот 5 од Вашингтонскиот договор. Поканата само ќе даде зелено светло на преговорите за влез на Украина во НАТО.

Македонската влада во неколку наврати одобри помош за Украина во воени средства
Македонската влада во неколку наврати одобри помош за Украина во воени средства

Глас на Америка: Северна Македонија во неколку наврати донираше оружје и воена опрема за Украина. Какви се вашите нови очекувања и барања од македонската влада?

Украина ѝ е благодарна на Република Северна Македонија за нејзината помош, за донесените одлуки за обезбедување на Украина на одбранбени пакети за да можат Вооружените Сили на Украина да се одбранат од руската воена агресија. Од почетокот на бруталната и жестока инвазија од големи размери на Украина од страна на државата агресор рф, Република Северна Македонија активно ѝ обезбедуваше воено-техничка помош на нашата земја.

Украина ѝ е благодарна на Република Северна Македонија за нејзината помош
Лариса Дир

Република Северна Македонија, исто така, ја потврди својата поддршка за евроатлантските аспирации на Украина и поканата за членство во НАТО кога тоа ќе го дозволат условите, а исто така изрази надеж дека претстојниот Самит на НАТО во Вашингтон ќе создаде услови Украина да биде поблиску до НАТО - ова е наведено во Заедничката Декларација потпишана од Украина и Северна Македонија на 28 февруари 2024 година во Тирана.

Надеж за нова воена помош од Северна Македонија

Имаме надеж дека Република Северна Македонија ќе продолжи и понатаму да ја поддржува Украина и во форма на обезбедување воена помош за одвраќање на руската агресија и во одбраната од страна на Украинците на својата суверена територија, и во форма на поддршка за членството на Украина во НАТО, вклучително, во блиска иднина ќе ја поддржи поканата за Украина да ѝ се приклучи на Алијансата.

Сето ова ќе ги зајакне одбранбените способности на Украина во војната што ја продолжува рф и ќе ги спаси животите на Украинците. Благодарна сум ѝ на Северна Македонија за нејзината поддршка, која е широка и постојана, вклучително, Република Северна Македонија се приклучи кон одлуката на самитот на Советот на Европа за создавање на Регистар на штети од агресијата на рф, а исто така ѝ се приклучи на Коалицијата за создавање на Специјален трибунал за злосторството агресија против Украина.

Самит: ЕУ - Украина
Самит: ЕУ - Украина

Глас на Америка: Украина доби согласност од ЕУ за почеток на преговорите за членство. Колкави се можностите за вашата држава да ги исполни високите барања во преговорите за членство, додека на дел од украинската територија се води војна?

Да, во ноември 2023 година, Европската комисија препорача Советот на ЕУ да го започне процесот на преговори за пристапување на Украина во Европската унија.

Украина мора да исполни седум важни чекори (услови): реформа на Уставниот суд, продолжување на судските реформи, антикорупциска реформа, борба против перење пари, имплементирање на антиолигархиското законодавство, усогласување на аудиовизуелното законодавство со европското законодавство, промена на законодавството за националните малцинства.

Украина ги исполнува сите задачи со големи напори, а лидерите на Европската унија на неодамнешниот самит на шефовите на држави и влади на ЕУ истакнаа дека Украина напредува во спроведувањето на неопходните реформи.

Лариса Дир: Кремљ демонстративно ги крши нормите на меѓународното право
Лариса Дир: Кремљ демонстративно ги крши нормите на меѓународното право

Очекување за почеток на преговорите со ЕУ до крајот на јуни

Зборовите на Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која истакна дека длабоките и структурни реформи што ги спроведуваат Украинците додека водат егзистенцијална војна, оставија длабок впечаток врз неа, се голема морална поддршка.

Ние водиме одбранбена војна со државата агресор рф за опстанок. Брзината на спроведување на реформите е без преседан - ова е јасна демонстрација на аспирациите и решителноста да се живее според европските вредности и стандарди.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, истакна дека нашата внатрешна политика е политика на европска интеграција.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изрази оптимизам во врска со следните чекори во однос на пристапувањето на Украина во ЕУ. Тој изјави дека меѓувладината конференција со Украина, која е всушност почеток на преговорите за членство, може да се одржи за време на белгиското претседателство со Советот на ЕУ до крајот на јуни. Сега Украина ја чека одлуката на Европската унија за директно да ги започне преговорите за пристапување на Украина во ЕУ.

Глас на Америка: Историјата покажала дека речиси секоја војна се завршува со мировни преговори. Има ли изгледи за нови мировни преговори со Русија во скорешна иднина? Кои се вашите услови?

Кремљ демонстративно ги крши нормите на меѓународното право, на овој начин, меѓу другото, ја покажува подготвеноста да продолжи со агресијата против Украина.

Руската федерација мора прво да се откаже од агресијата против Украина, поточно, да престане да ги уништува Украинците
Лариса Дир

Клучно е тоа што Руската федерација продолжува да ги убива нашите бранители, да фрла балистички ракети и дронови врз главите на цивилите, да киднапира деца и да држи воени и цивилни лица во заробеништво.

Постојана членка на Советот за безбедност на ОН - руската федерација продолжува со балистика да ги уништува и да ги пали до темел со артилерија украинските градови и села. Покрај злосторството геноцид врз Украинците, режимот на Кремљ ги вклучи привремено окупираните територии на Украина во рф и на овие територии одржа таканаречени претседателски избори, кои беа осудени од лидерите на демократските држави.

Украински граѓани - Протест за поддршка на Украина во Скопје, пред руската амбасада
Украински граѓани - Протест за поддршка на Украина во Скопје, пред руската амбасада

Прв услов: Русија да се повлече од Украина

Односно, вие (било кој) мора да разберете дека треба да почнете да се договарате со оние кои сакаат да ве уништат најмалку од 2014 година, а од 24 февруари 2022 година секојдневно ја демонстрираат таа жед за уништување.

Исто така, свесни за опасноста и подлоста на непријателот, ќе биде корисно да се сетите дека некогаш веќе сте се договориле со него, склучувајќи меѓународен договор за пријателство, соработка и партнерство, за украинско-руската државна граница. Според условите на Будимпештанскиот меморандум, Украина се откажа од нуклеарното оружје во замена за безбедносни гаранции - Руската федерација грубо ги прекрши условите од Будимпештанскиот меморандум.

За некој да почне да размислува за преговори, него како за почеток треба да престанат да го убиваат.

Односно, Руската федерација мора прво да се откаже од агресијата против Украина, поточно, да престане да ги уништува Украинците, да ги повлече руските трупи од територијата на Украина.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, веќе предложи имплементација на Формулата за мир - рф мора да ја прифати.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG