Линкови за пристапност

Судири меѓу полицијата и стечајците на протестот пред Владата


Фотографијата е преземена од НОВА
Фотографијата е преземена од НОВА

Демонстрантите незадоволни од, како што велат, рестриктивноста на законот за обештетување на стечајците.

Неколку стотини стечајци од осум градови во Македонија денес се собраа пред Владата да го изразат протестот поради, како што велат, рестриктивноста на законот за обештетување на стечајците што неодамна беше усвоен во Собранието.

Фотографијата е преземена од НОВА
Фотографијата е преземена од НОВА
За време на протестот, што инаку започна мирно, дојде до ескалација и судири меѓу полицијата и демонстрантите. До судирот дојде кога демонстрантите се обидоа да го пробијат полицискиот кордон, при што полицијата реагираше и собори на земја неколку од стечајците.

Некои од демонстрантите пред медиумите се пожалија дека биле непотребно грубо нападнати и дека некои од нив имаат полесни телесни повреди.

За односот на полицијата кон стечајците реагираше и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

„Хелсинсшкиот комитет ќе побара од внатрешната контрола на МВР да биде испитан случајот зошто полицијата употреби физичка сила кон стечаците при денешниот протест пред Владата“, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет.

Министерството за внатрешни работи, пак, процени дека на протестот имало околу 600 стечајци и преку соопштение даде своја верзија на настанот.

„Протестот започна од пред зградата на Сојузот на Синдикати на Македонија, а потоа учесниците на простестот се движеа кон Собранието на РМ и продолжија кон зградата на Владата на РМ. Додека се одржуваше протестот во повеќе наврати од страна на присутните беше нарушен ЈРМ и тоа со обид за демолирање на заштитната метална ограда како и туркање на кордонот полициските службеници кои го обезбедуваат протестот. Од страна на полициските службеници е идентификуван и легитимиран еден од сторителите и против истиот како и против организаторот на протестот ќе се поднесаат соодветни пријави“, наведува МВР.

Стечајците своето незадоволство го демонстрираа и пред Сојузот на синдикати.

„(Живко, н.з.) Митревски како лидер на Сојузот на синдикати на наш грб ги остварува своите лични амбиции и профит“, вели стечајката Лилјана Ѓорѓиевска.

Раководството на ССН не се сретна со претставници на стечајците, но се огласи со соопштение.

„Сојузот на синдикатите на Македонија во рамките на своите програмски цели и определби во континуитет од постоењето на проблемот на стечајните работници, настојувал истиот да биде решен на начин што ќе се обезбеди заштитита на оваа категорија на работници. Напоменуваме дека ССМ во еден историски континуитет секогаш бил активно вклучен во решавањето на проблемот на статусот на овие работници со давање на конкретни предлози и забелешки во поглед на законската регулатива“,стои во соопштението.


Во изјава за Гласот на Америка, стечајката Лилјана Ѓорѓиевска појасни дека тие се незадоволни поради тоа што новиот закон за обештетување не ги опфаќа оние кои ја изгубиле работата во претпријатија заведени во стечај пред 2000-та година.

„Новиот закон го решава проблемот на само неколку стотини стечајци, додека ние, повеќе од 5.000, остануваме без никакви надоместоци, со што е доведено во прашање нашето основно право на живот“, вели Ѓорѓиевска потенцирајќи дека тие ќе продолжат со протести се` додека не се излезе во пресрет на нивните барања.
XS
SM
MD
LG