Линкови за пристапност

Трамп го именуваше својот зет за виш советник


Позицијата не треба да биде потврдена од Сенатот, но поттикна прашања за непотизам и конфликт на интереси

Новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп, го назначи неговиот зет, Џаред Кушнер за виш советник, поттикнувајќи група демократски законодавци да побараат од Одделот за правда и од претставници задолжени за етички прашања, да го истражат можното нарушување на законите за непотизам и постоењето на конфликт на интереси.

Адвокатката на Кушнер, Џејми Горелик, кажа дека тој планира да се откаже од имотот во странство, учеството во инвестициона компанија и сопственоста во деловна зграда во Њујорк. Пред да започне со работа во Белата куќа, тој ќе се откаже и од функцијата извршен директор од неколку компании како и од местото публицист во New York Observer.

Шестмина членови на Конгресот напишаа писмо до главната обвинителка на САД Лорета Линч и до Канцеларијата за владина етика упатувајќи на законот од 1967-ма година, според кој носителите на јавни функции не можат да назначат член на семејството да работата во иста агенција кадешто самите служат.

Горелик вели дека правилото не важи и за претседателот, бидејќи Белата куќа не потпаѓа под дефиницијата на владина агенција.

Од транзициониот тим на Трамп рекоа дека улогата на Кушнер ќе биде да работи на трговските врски со Блискиот исток и дека тој ќе соработува со шефот на кабинетот, Рејнс Прибус и главниот стратег, Стивен Бенон.

За разлика од другите членови на кабинетот на Трамп, позицијата на Кушнер не бара сенатско потврдување. Тој е на 35 годишна возраст и е во брак со ќерката на Трамп, Иванка.

Новинарите вчера го запрашаа Трамп за можната улога на Кушнер, на што новоизбраниот претседател одговори: „За тоа ќе зборуваме во среда.“ Тогаш е закажана долго очекуваната прес-конференција на новоизбраниот претседател, прва по изборите на 8-ми ноември.

XS
SM
MD
LG