Линкови за пристапност

Нов обид за мир на Блискиот Исток


Кушнер, советник во Белата куќа и зет на претседателот Трамп, се сретна со Нетанјаху во напор да ги заживее разговорите; Планирани се и разговори со Абас

Советникот во Белата куќа, Џаред Кушнер, денеска ги обнови мировните разговори за израелско-палестинскиот конфликт, во време кога администрацијата на претседателот Доналд Трамп се обидува да ги заживее напорите за договор.

Кушнер се сретна со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим, а планирани се и разговори со палестинскиот претседател Махмуд Абас во Рамалах, на Западниот Брег.

„Претседателот е мошне посветен на постигнување решение кое ќе може да донесе просперитет и мир за сите во оваа област“, истакна Кушнер.

Нетанјаху изјави дека со Кушнер треба да разговараат за „начините за унапредување на мирот, стабилноста и безбедноста во регионот“, и смета дека „сето тоа е остварливо“.

Советникот на Белата куќа го придружува помошникот на Трамп, Џејсон Гринблат и заменичката на советникот за национална безбедност, Дина Пауел. Делегацијата воедно се сретнала и со претставници на Египет, Саудиска Арабија, Емиратите, на Катар и Јордан.

Претседателот на САД има изјавено дека се надева да посредува во „конечниот договор“ меѓу Израел и Палестинците.

Палестинскиот министер за надворешни работи Ријад Малки за Палестинска радио станица, изјави дека Палестинците ќе бараат „јасни одговори“ од Кушнер за време на неговата посета.

„Одговорите на нашите прашања ќе ни` овозможат да видиме дали има шанса за мировен процес, којшто може да стави крај на окупацијата, или овие посети се само губење на време“, рече Малки.

Тој додаде дека планира да го праша Кушнер за позицијата на САД за палестинската независност и израелските населби.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG