„Откако сите политички лидери претходно не потврдија датум за одржување на изборите, комесарот Хан даде јасно до знаење дека сега е веќе нивна одговорност да постигнат согласност и да излезат со нов датум за изборите. Комесарот Хан побара од сите лидери да го потврдат нивниот ангажман и да продолжат со исполнување на спроведувањето на политичкиот договор од јуни/јули, како и приоритетните реформи. Политичките лидери го потврдија тоа. „Ова го сочинува и најважното прашање за комесарот: постигнување напредок за суштината и содржината на договорот”, се вели во соопштението на канцеларијата на еврокомесарот за проширување и добрососедски односи, Јоханес Хан.
Соопштението е испратено откако во саботата рано изутрина, лидерот на опозицијата Зоран Заев, ги напушти преговорите, со децидна изјава дека СДСМ нема да учествува на претходно закажаниот термин за избори, 24 април затоа што нема време за прочистување на списоците, што со реформирањето и ослободувањето на медиумите од контролата на власта, се главни предуслови за слободни, фер и демократски избори.
Откако и посредникот Питер ван Хауте потенцираше дека за кредибилни избори е потребно време, изјавувајќи дека е „очигледно оти не треба да се држиме до роковите. Она што е потребно е да се обезбедат прво сите услови за пречистување на Избирачкиот список за да има кредибилни избори“, се изјасни и претседателот на Државната изборна комисија.
„Во овој краток рок проверката на избирачкиот список може да биде импровизација и со таква постапка нема да добиеме кредибилен избирачки список и кредибилни избори“, се вели во соопштението на претседателот на ДИК Александар Чичаковски до работните групи на политичките партии, во кое се наведени причините зошто не може да има пречистен избирачки список до 24 април, со што се доведува во прашање кредибилитетот на изборите.
Според Чичаковски, покрај 20-дневното доцнење со формирањето на ДИК во нов состав, се уште не се одобрени методологиите за проверка и прочистување на Избирачкиот список, што партиите требало да го завршат до 10 декември минатата година. Тој тврди и дека нема доволно информации од институциите за структурата и чистотата на базите на податоци, а предупредува и на слабата соработка со државните органи за обезбедување процедура за пристап до базите за податоци. Од друга страна, за изборите да се одржат на 24 април, Собранието може да се распушти на 24 февруари а ДИК треба да го стави избирачкиот список на јавен увид на 5 март, што значи дека, според законскиот рок од 85 дена, теренската и оперативна проверка на списокот требала да се направи од 10 декември 2015 година до 5 март годинава.
„Тоа значи дека ние уште сега сме во задоцнување од 37 дена“, пишува Чичаковски, според кого, со 20 подрачни одделенија и со 35 вработени, ДИК не може да спроведе широка операција на теренски проверки, за кои нема ни оперативни планови. Според претседателот на ДИК, трите фази – вкрстените проверки, теренските проверки и постапките за вршење промени и бришење на податоци во Избирачкиот список, треба да се спроведат - од денот на усвојувањето на двете методологии, до денот на објавување на Избирачкиот список на јавен увид, кога се истакнува прочистениот избирачки список, односно, дека за стекнување на доверба на граѓаните во Избирачкиот список, се потребни околу 3 до 4 месеци
Иако за попладнево по македонско време, е предвидена заедничка средба на тимовите на ВМРО ДПНЕ,СДСМ, ДУИ И ДПА, на која со Ван Хауте ќе се разгледуваат и усогласуваат партиските предлози за методологија за обезбедување на пречистен Изборен список, дел од медиумите денес објавуваат дека неофицијално, по неуспехот на преговорите викендов, партиите на власт веќе контактирале околу можноста за нов датум за избори - 5 јуни, но дека како можен термин се разгледува и септември, за да се обезбеди учество на опозицијата, односно, да не се дозволи нејзин бојкот.
Според дел од медиумите, по неуспехот за постигнување согласност околу датумот за предвремените парламентарни избори, политичката сцена во Македонија се вжештува на нивото од пред Договорот во Пржино, поради што во СДСМ се разгледува можноста за објавување на нови “бомби” од прислушуваните разговори за аферите на претставниците на власта, а ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ подготвуваат популистички потег со намалување на прагот за пензионирање на 60 години за жените, односно на 62 години за мажите, што би овозможило нови 10.000 предизборни вработувања на партиски кадри во државната администрација.
Во таква ситуација, покрај бројните соопштенија и реакции во кои партиите од власта и од опозицијата, разменуваат жестоки, меѓусебни обвинувања внимание привлекува ставот на малата, вонпарламентарна партија, Алијанса за позитивна Македонија, која, „разочарана од неспособноста на лицерите на четирите партии“, смета дека за „спроведување на целосни фер и демократски избори како техничката влада треба да се постави меѓународен политички борд и технички премиер од редот на искусни, странски политичари“.