Кривичниот совет во скопскиот Кривичен суд утре или најдоцна задутре ќе одлучи по жалбата на Обвинителството околу одлуката да им се одредат мерки на претпазливост на Беким Незири и уште тројца осомничени за упадот и нападот во зградата на Контролата за летање на скопскиот меѓународен аеродром. Претпладнево адвокатите на осомничените ги доставиле одговорите на жалбата на Обвинителството во Кривичниот суд каде потоа е оформен предмет.
„Со оглед на барањето на странките во постапката, но пред се заради доследно почитување на Законските одредби, судот во рокот од 48 часа ќе донесе соодветна одлука за што ќе ги информира странките и јавноста. Во однос на прашањата поврзани со други лица инволвирани во случајот, ја информира јавноста дека до овој момент Јавниот обвинител до судот нема поднесено дополнително барање за определување мерки и за други инволвирани лица освен за четворицата кои веќе се под мерки за претпазливост“, стои во соопштението на Кривичниот суд.
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, побара од судот сериозно да ја сфати ситуацијата и тежината на настаните кои се случија во зградата на скопскиот меѓународен аеродром. Таа отворено побара Кривичниот суд да ја преиспита својата одлука.
„Лично јас не се согласувам и мислам дека ќе треба да си ја преиспита одлуката. Апсолутно, не сакам да влијаам на одлуките од позиција на министер за одбрана, меѓутоа сметам дека целата оваа ситуација треба малку посериозно да ја сфатат. Ќе имаат веројатно дополнително време. Убедена сум дека извршните органи, Министерството за внатрешни работи одлично ќе си ја заврши, и ја заврши до тука својата работа, меѓутоа треба да се има предвид севкупното законодавство во Република Северна Македонија, но и меѓународните обврски што ги имаме преземено“, рече Петровска.
Премиерот Димитар Ковачевски денес побара од трудовиот инспекторат да го провери работењето на Синдикатите во М-НАВ, изрази сомнеж во процесите и огласите за вработување и ја нарече М-НАВ семејна фирма. Сомнежите доаѓаат откако Владата ги исполни барањата на Синдикатот да се разреши раководството во М-НАВ.
„Треба да се провери, ќе има вонреден инспекциски надзор од Трудовиот инспекторат во делот на работењето на Синдикатите бидејќи таму има повеќе синдикати. Прво сметам дека таа фирма е станата како семејна фирма бидејќи кога ќе погледнете има до трето колено вработување. Вие кога ќе земете претседател на Синдикат, татко му работел таму, тој работи таму, брат му работи таму. На крај тие станале како семејство во кое што имаат конфликти кои обично се случуваат по дома кај луѓе. Ме разбирате? Сметам дека треба да се испита како што вели и Европската Унија начинот на кој ги прават конкурсите, начинот и критериуми на селекција на кандидати и така натаму, да не се случи некој кандидат да добие готови тестови“, изјави премиерот Ковачевски.
Претседателот на Синдикатот на Контролори на летање со одговор до премиерот на кој му се заблагодари што конечно ќе се „чешлаат“ вработувањата во М-НАВ.
„Би сакал да му се заблагодарам на Премиерот Ковачевски што некој најпосле ги послуша нашите барања со сериозност, а не како во минатото, сето тоа да остане на празни ветувања. Што се однесува до инсинуациите за семејни вработувања и непотизам, во конкретниов случај посочен јас и моето семејство, стојам на располагања, на сите институции, и ревизии, со соодветни документации, лиценци и обуки, завршени во странство, и кај нас. Како дел од нив, би напоменал многу-бројни обуки во ЕУРОКОНТРОЛ, центри за обука за контролори на летање во Америка, почетното школо за контрола на летање во Белград, постојани проверки на теоретско и практично знаење и способност, лиценци за инструктор и за испитувач...“, напиша Тасевски на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Тим од финансиската полиција втор ден го испитува финансиското работење на компанијата но и на Синдикатот, јавните набавки и како што нагласија огласите и постапките за вработување. Оттаму информираат дека дел од документацијата е прибрана но и дека се чека останатите документи да им бидат доставени и потоа ќе почнал со анализирање на податоците.