Разговараме со Кристина Атовска, македонска новинарка која е и авторка на документарниот филм за војната во Украина „Приспивни сирени“ што премиерно се прикажа на 28-то издание на Интернационалниот филмски фестивал Палм Бич во Флорида, САД.
Глас на Америка: Вие сте тука, во Соединетите држави, но 28-то издание на фестивалот во Палм Бич не се одржа како што беше најавен. Што се случи за црвениот килим да се замени со вирутелно прикажување на селектираните филмови?
Кристина Атовска: За жал на половина пат до овде организаторите на фестивалот не известија дека скрининзите ќе мора да одат онлајн, како што ни кажаа, поради проблеми кои ги имале со кино салата. Има работилници за прашања и одговори, други работилници, панели, сето тоа се случува, но сепак овде секако и се дружиме со останатите филм мејкери кои дојдоа, но сепак неизбежно е малку разочарувањето за тоа што со фестивалот и за неможноста практично да одиме во кино, но можеби тоа нема да остане така до крајот на фестивалот, бидејќи поголем дел барем од американските филмаџии веќе најдоа кино сали па можно е и половина фестивал повторно да продолжи во кино или барем нашите светски премиери сепак да завршат во кино салите.
Глас на Америка: „Приспивни сирени“ го раскажува вашето патешествие на почетокот од војната во Украина во Лвив, Киев, Ирпин, Буча и Харков. Како стигнавте до идејата за документарен филм оттаму?
Кристина Атовска: Уште пред поаѓањето мое во Украина знаев дека прво и основно сите знаеме дека ние новинарите снимаме многу повеќе отколку што имаме простор на тв-каналите да го прикажеме тој материјал. Сепак се работи за војна, очекувано беше дека ќе имам толку многу материјали и толку многу приказни, така што идејата за документарен филм постои од самиот почеток уште пред да тргнам за Украина. Дополнителен фактор е и тоа што навистина имам многу грозоморни снимки, на пример од Буча од тие грозоморни настани таму, од масовната гробница и секако тоа не е многу прикладно да се пушти на телевизија во време во кое што гледаат и деца, мора ние и како новинари да се грижиме и за тој дел. Од моето прво пристигнување во Украина, мојата екипа од овде работи на симнување, на селектирање, на обработка на тој материјал, така што можам да кажам дека документарниот филм се изработува буквално од моментот кога стапнав во Украина.
Глас на Америка: Досега филмот има освено осум награди. Што значат за вас овие признанија?
Кристина Атовска: Многу. Можам да кажам навистина многу. Осум светски награди и тоа се буквално од секој континент на планетата, така што не може да не ни значат. За мене и за мојот тим овие награди се една огромна мотивација и инспирација да продолжиме и понатаму да работиме. Се уште „Приспивни сирени“ не добил домашна награда, но еве се надеваме дека до крајот на годината и тоа ќе се случи, но во секој случај и тоа што сме овде и тоа што филмот како што кажав досега освои осум награди, уште единаесет други селекции за нас е навистина многу многу инспиративно.
Глас на Америка: Кристина, еден ден војната во Украина секако дека ќе заврши. Која е вашата порака што сакате да ја пренесете до јавноста преку вашиот филм?
Кристина Атовска: Неколку пораки има внатре во филмот со оглед на фактот дека филмот е сконцентриран на цивилите, на луѓето кои ја донесоа свесно одлуката да останат и да живеат под бомби. Од тие луѓе јас лично сум најмногу импресионирана. Токму затоа во најголем дел филмот е токму за нив, за оние кои за мене претставуваат симбол на отпор, на издржливост, на неоткажување, така што главната порака меѓу сите оние кои сакавме да ги пренесеме во филмот е токму пораката за неоткажување. Како што кажав и јас и мојот тим бевме најмногу фасцинирани од луѓето кои свесно донеле таква одлука да останат и да не дозволат некој да им каже дека нивниот живот нема да изгледа нормално во нивниот град. Ставајќи го фокусот на филмот токму на таквиот тип на луѓе или на однесување или на чувства е токму она што не доведе и до самата порака на филмот, пораката за неоткажување, пораката за истрајност и на крајот сакам секако да кажам и да пренесам дека буквално секоја војна се победува со неоткажување. Не само војна физички, туку и сите војни кои ги водиме во животот. Единствениот фактор кој зависи дали ќе го пребродиме тоа или дали ќе ја добиеме таа војна, метафорички, како сакате кажете го, зависи исклучиво од тоа дали ќе се откажеме или не. Ова е филм за неоткажување и филм за надеж, токму тоа е пораката која што јас со мојот тим сакавме да ја испратиме со овој филм.