СКОПЈЕ – Крилото на Алијанса за Албанците предводено од Зијадин Села на претстојните парламентарни избори ќе оди во коалиција со „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ. Ова е одлуката која денес ја донесе Централното собрание на состанокот во Скопје кој заврши предмалку.
Од присутните 116 делегати на Централното собрание чиј претседател е Села, само еден делегат гласал против коалицирање со ДУИ, четворица биле воздржани додека останатите 111 делегати гласале „ЗА“.
Актуелниот министер за одбрана, Тирон Јајага, е избран за шеф на изборниот штаб, а Села очекува на претстојните парламентарни избори да освојат најмалку пет пратенички места.
„Одлучувавме и за понудата од страна на Европскиот фронт, јас веќе ги објаснив позициите на АА – делегатите едногласно одлучија, еден беше против, и четворица воздржани за АА да биде дел од „Европскиот фронт“, дел од одговорностите што треба да ги преземеме, за да нашата иднина биде уште подобра. Бројот на пратеници ги одредува народот, гласачите, а не политичките партии. А ние сме се договориле во оваа коалиција, АА да ја зачува парламентарната група во Собранието. Но како резултат на гласањата од гласачите, овие бројки може и да се зголемат. „Европскиот фронт“ ќе биде апсолутен победник на изборите. Алијанса за Албанците ќе има минимум парламентарна група, рече Села.
Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, е претседателски кандидат на опозициската коалиција „Вреди“ во која се Беса Алтернатива и Демократско движење.
Расколот меѓу претседателот на партијата и претседателот на Централното Собрание, Таравари и Села, дојде откако Таравари ја прифати понудата да биде претседателски кандидат на опозицијата.
Во моментов се води судски спор околу сопственоста на партискиот печат а тоа е причината поради која Села кажа дека пред партијата Алијанса за Албанците има само две можности да не учествува на изборите или пак да колаицира со некоја од постоечките коалиции во албанскиот политички кампус бидејќи судскиот спор нема да заврши пред истекот на законскиот рок за поднесување на кандидатските листи за пратеници.
Таравари беше дециден ќе стави печат на кандидатските листи за пратеници само ако крилото на Села оди самостојно на изборите.
Коалицијата „Вреди“ вчера го повика Села да се премисли и да настапи самостојно на изборите бидејќи Таравари ќе му ги даде печатите за таа цел и додаваат дека Села смислил евтино алиби за да го прикрие договорот со ДУИ кој го склучил одамна.
Во коалицијата „Европски фронт“, покрај ДУИ и крилото на Алијанса за Албанците се и ДПА, Народната партија на Скендер Реџепи – Зејд, Европската демократска партија на Аријанит Хоџа, Демократската партија на Турците на Иљаз Бејџан и Курто Дудуш за кои се обезбедени високи позиции на кандидатски листи за пратеници и речиси им е загарантиран пратенички мандат.
Интересно е што п неколку години Села ќе биде во коалиција и со лидерот на ДПА, Мендух Тачи, со кого имаше сериозни несогласувања и откако ја формираше фракцијата Движење за реформи во ДПА, ја напушти партијата и ја формираше Алијанса за Албанците.
Во моментов Села има тројца министри во Владата, Кренар Лога, Илир Демири и Наим Бајрами како и поддршка од шест пратеници.