Линкови за пристапност

Крешник Бектеши: Убеден сум дека угостителските објекти нема да останат затворени, но, не се знае


Интервју со министерот за економија, Крешник Бектеши
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:51 0:00

Во интервју за Гласот на Америка, министерот за економија зборува за туристичката сезона и протоколите за справување со вирусот

Глас на Америка: Состојбата во која се наоѓа угостителскиот сектор е незавидна поради одлуката две недели угостителските објекти да не работат. Во меѓувреме помошта од петтиот сет мерки е заглавена во собранието. Дали сметате дека ако не добијат финансиска помош, ќе биде тешко да опстојат, а со тоа добар дел од вработените да останат без работа?

Крешник Бектеши: Ситуацијата во дејноста угостителство е тешка, имајќи ја во предвид и последната одлука на Владата, но секако дека ние сме при крај за дизајнирање на мерка која ќе биде само за угостителските објекти и туризмот како област во целина. Убеден сум исто така дека наредната недела ќе биде деблокирано и собранието каде дополнително ќе можат да добијат финансиска помош за исплата на плата, и со тоа ќе бидат зачувани сите работни места во угостителството и туризмот. Но, дополнително на тоа освен мерките кои ги креираме согласно приходот кој го имале во првите три месеци, како грант или како директна субвенција, македонската банка за обнова и развој ќе има бескаматни кредити, каде ќе има грант за овој многу важен сектор.

Глас на Америка: Очекувате ли дека после првите две недели, ќе продолжи истата мерка за уште две недели, објектите да бидат затворени?

Крешник Бектеши: Па не верувам дека ќе продолжи за дополнителни две недели имајќи ги во предвид бројките и проекцијата која ја презентираше Комисјата за заразни болести. Јас сум убеден дека нема да останат затворени, бидејки сите институции многу будно ја следат ситуацијата, но имајќи ја во предвид непредвидливоста со оваа пандемија, никогаш не се знае. Но, секако дека ние сме подготвени ако има потреба дополнително да ги помогнеме.

Глас на Америка: Под кои услови ова лето ќе може да се патува во Северна Македонија, како ќе доаѓаат странските туристи? Дали ќе мора да поседуваат вакцинален картон или негативен ПЦР тест?

Крешник Бектеши: До овој момент откако започна пандемијата, Северна Македонија беше една од државите со најлабави мерки во однос за влез во нашата држава. И, ние сме убедени дека така ќе продолжиме. Секако дека со соседите разговараме, со цел да најдеме заедничко решение кое ќе биде воспоставено од ЕУ или во склоп на земјите од Западен Балкан, за да може сите наши граѓани да патуваат.

Глас на Америка: Дали на хотелските објекти во земјава ќе им биде наложено да поседуваат сертификати за безбедност во пресрет на летната сезона?

Крешник Бектеши: Ние веќе сме се акредитирале како држава во делот на безбедносни печати. И, веќе стопанските комори и министерството за економија ги известија сите хотели, за да можат да го обезбедат тој печат, се со цел сите странски туристи да имаат можност да знаат во кои угостителски објекти се исполнуваат условите согласно критериумите кои се воспоставени со овој механизам. Тоа не значи дека мора да ги имаат, но јас би препорачал сите хотели тоа да го направат со цел да привлечат повеќе гости.

Глас на Америка: Каква туристичка сезона очекувате, со оглед на тоа дека добар дел од аранжманите со странски туристи од Европа се откажани?

Крешник Бектеши: Непредвидлива е ситуацијата но, убеден сум дека ќе биде подобро од претходната сезона, имајќи во предвид дека продолжуваме со мерките за поттикнување на домашните туристи, посебно за регионите Охрид и Струга. Дополнително сум убеден дека кога ќе почне сезоната ќе имаме и поголем број на странски туристи во овие два региони. Ние веќе како Министерство за економија сме во подготовка за јавен повик кој ќе го објавиме, со цел да направиме дигитален маркетинг во земјите од каде претходно сме имале значителен број на туристи, да ги информираме за протоколите и мерките, за да не ги одложат нивните аранжмани.

Глас на Америка: Дали македонските граѓани ќе можат ова лето да одат на одмор? Конкретно во најатрактивната дестинација за одмор за граѓаните, а тоа е Грција?

Крешник Бектеши: Тоа не зависи од нас. Тоа зависи од мерките кои тие ќе ги воспостават за странските туристи. Ние веќе сме во разговори со нивните институции и во зависност од протоколите кои заеднички ќе ги направиме, секако дека нашите граѓани ќе може да патуваат не само во Грција туку и на други туристички локации. Министерот за здравство разговарал, но, и јас лично сум разговарал со нивните институции. Очекувањата се дека тие ќе направат одредени протоколи за прифаќање на ПЦР тестови но, истовремено ако се воведе во ЕУ и ковид пасош, секако дека по тие барања ние ќе постапиме и нашите граѓани ќе можат да ги добијат кај нас се со цел да патуваат надвор.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG