Кремљ денес рече дека нема причина ниту една земја, вклучително и САД да бидат загрижени за присуството на руски воени бродови во Куба на вежба.
Фрегата на руската морнарица и подморница на нуклеарен погон се префрлија во пристаништето во Хавана вчера, попатна станица за која САД и Куба велат дека не претставува закана, но која нашироко се смета за руска демонстрација на сила додека се зголемуваат тензиите околу војната во Украина.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан, рече дека нема докази дека Русија префрлила ракети во Куба, но дека САД ќе останат будни.
На прашањето за наводната нервоза во Вашингтон поради стравот дека Русија би можела да префрли воен персонал во Куба или дури да создаде воена база на островот, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, рече дека ваквите вежби се вообичаена практика.
„Ова е нормална практика за сите држави, вклучително и толку голема поморска сила како Русија“, изјави Песков за новинарите.
„Значи, не гледаме причина за загриженост во овој случај“.
Фрегата на руската морнарица и подморница на нуклеарен погонвчера отпловија за Куба откако во Атлантскиот Океан извршија обука за „ракетно оружје со висока прецизност“.
Министерството за надворешни работи на Куба соопшти дека бродовите не носеле нуклеарно оружје, тврдење што го повторија и американските власти.