Линкови за пристапност

Краток водич за внатрепартиските избори во САД


Во јануари сојузните држави во САД го започнуваат процесот на гласање за претседателски кандидати на внатрепартиски избори. Тој процес, кој вклучува пратенички групи и првични избори, трае речиси шест месеци. После тоа, демократите и републиканците ги одржуваат своите последни партиски конвенции, каде формално се избира кандидатот кој ќе ја претставува партијата на претседателските избори.

Еве ги моментите од внатрепартиските избори.

Што се првични избори?

Прелиминарните избори се еден од начините на избор на партиски кандидат за претседателските избори. Правилата за тоа кој може да гласа и како да гласа на првичните избори ги одредува секоја држава поединечно. За разлика од пратеничките групи, гласачите на првичните избори гласаат тајно и во текот на денот.

Што се пратенички групи?

Пратеничките групи се уште еден начин за избор на партиски кандидат за општите избори. За разлика од првичните избори, граѓаните се собираат на пратенички групи во одредено време и овие средби траат неколку часа. Гласачите јавно разговараат за кандидатите, а самото гласање понекогаш се одвива со кревање рака. Пратеничките групи порано беа главниот начин за избор на претседателски кандидат на партијата, но денес тие постојат само во некои држави.

Како се избираат кандидатите во пратеничките групи и прелиминарните избори?

Гласачите во Америка во пратеничките групи и прелиминарните избори не ги избираат претседателските кандидати директно, туку избираат делегати кои се појавуваат на завршните партиски конвенции и гласаат за претседателските кандидати на партијата. Колку повеќе жители има една земја, толку повеќе делегати има на завршните конвенции.

Која е стратегијата на кандидатот?

Распоредот на прелиминарни избори и пратенички групи им овозможува на кандидатите да се фокусираат на секоја држава поединечно, а не во исто време. Кандидатите обично се фокусираат на освојување на одредени држави - оние со најмногу делегати, но и оние кои гласаат први, со цел да обезбедат добра слика за себе на почетокот на изборниот процес. Државите со најмногу делегати се Калифорнија, Тексас и Флорида.

Каков е распоредот за гласање?

Традиционално, пратеничките групи во Ајова го означуваат почетокот на изборната трка, по што следуваат прелиминарни избори во Њу Хемпшир. Вака ќе гласаат републиканците годинава, додека демократите го закажаа првото гласање за Јужна Каролина - со образложение дека таа држава подобро го претставува нивниот електорат. Демократите во Ајова нема да гласаат до март, на првичните избори наместо пратеничките групи.

Што е Супер вторник?

Најголемиот број американски држави одржуваат прелиминарни избори или пратенички групи во ист ден - во вторник. Таканаречениот Супер вторник оваа година се паѓа на 5 март, кога дури 15 сојузни држави ќе гласаат на внатрепартиски избори.

Како се распределуваат гласовите на делегатите?

Секоја земја има свои правила. На пример, Калифорнија има систем каде што сите избрани делегати гласаат за кандидатот кој добил најмногу гласови на прелиминарните избори. Од друга страна, државите како Њу Хемпшир ги распределуваат гласовите на делегатите пропорционално - во однос на тоа кој кандидат колку гласови добил на примарните избори.

Која е разликата помеѓу делегатите?

Делегатите избрани на прелиминарни избори и пратенички групи треба да гласаат за кандидатите одобрени од гласачите. Но, има и друга категорија на делегати во двете партии. Републиканците имаат делегати - обично првите тројца партиски функционери во секоја држава - кои не се обврзани да поддржат кандидат избран од гласачите. Демократите имаат таканаречени „суперделегати“ - стотици партиски лидери и избрани функционери - кои можат да поддржат кандидат по свој избор.

Што се отворени и затворени прелиминарни избори?

Во државите со отворени првични избори, сите гласачи можат да гласаат - без разлика на политичката припадност. На пример, демократите можат да гласаат и на првичните избори во Републиканската партија. За разлика од тоа, затворените прелиминарни избори значат дека можат да гласаат само оние кои се регистрирани како гласачи на таа партија. На пример, само регистрираните демократи можат да гласаат на демократските прелиминарни избори.

XS
SM
MD
LG