Линкови за пристапност

Кој ќе потоне со „Титаник 2“, Мијалков и неговиот тим или Апелација?


Делото на екс директорот на УБК, примање награда за противзаконито влијание, застарува на 7 април. Случајот „Титаник 2“, за изборните нерегуларности во Струмица во 2013 година, два пати влезе во судница во скопскиот Кривичен суд и по втор пат е во Апелација. За само три месеци ова ќе биде четврта одлука која Апелациониот суд треба да ја донесе околу пресудите за Мијалков. По девет месеци во фиока ја укина пресудата за „Таргет - Тврдина“, ја преиначи во условна петнаесетмесечната затворска казна за помагање при „перење пари“ за случајот „Плацеви на Водно“ и ја потврди ослободителната за случајот „Тортура“ и апсењето на Љубе Бошкоски


СКОПЈЕ – Многу очи ќе бидат вперени утре во седницата на Апелациониот суд каде треба да се појави екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, и да се расправа по жалбата на пресудата за случајот „Титаник 2“ каде тој доби две години затворска казна. Трката со времето продолжува бидејќи кривичното дело на Мијалков за кое е осуден, примање награда за противзаконито влијание, застарува на 7-ми април.

Апелација вчера соопшти дека седницата е закажана, 8 дена пред застарување на рокот, откако предметот „Титаник 2“ патуваше напред назад меѓу Кривичниот суд и Апелациониот суд. Скопска апелација на 15 март го прими и веднаш го врати предметот административно бидејќи Кривичниот суд им го испрати без да почека да помине законскиот рок од 15 дена за поднесување на жалаби со образложение дека брзале поради итноста на предметот.

„Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека јавната седница пред судот, по кривичниот предмет КОКЖ-43/23, во јавноста познат како „Титаник“, е закажана за ден 30.03.2023 година во 11 часот и 30 минути“, соопшти Апелацискиот суд.

Ако утре се одржи расправата а Мијалков е спроведен од затворот во Струга и не е „заборавен“ како што веќе еднаш се случи, во игра се две сценарија. Првото е Апелација да ја потврди пресудата а второто е да ја преиначи казната во повисока или пониска. Можноста за враќање на предметот на повторно судење во Кривичниот суд, како што веќе еднаш пресуди, не е опција и тоа е предвидено со членот 437 став 4 од Законот за кривична постапка (ЗКП).

„Ако обжалената пресуда веќе еднаш е укината, тогаш второстепениот суд ќе одржи расправа и мериторно ќе одлучи по предметот“, стои во ЗКП, а пресудата веќе еднаш беше укината.

Доколку расправата утре се одложи, Апелација има можност заклучно со 7 април да закаже нова седница и да донесе одлука.

Првиот судски процес за случајот „Титаник 2“ траеше пет години а јавноста беше сведок на мноштво трикови за одложување на рочиштатат вклучувајќи ги и неколкуте заболувања на Мијалков со КОВИД-19. Финишираше во 2019 година а Мијалков доби три години затвор. Апелација ја укина одлуката и го врати предметот на повторно судење.

Во повторениот судски процес во Кривичниот суд, Мијалков на крајот на јануари експресно беше осуден на 2 години затвор.

Случајот „Титаник 2“ се однесува на изборени нерегуларности од 2013 година. Мијалков во договор со лидерот на ДПА, Мендух Тачи, успеа да ги поништи резултатите од изборите на неколку избирачки места во Струмица а со тоа и победата на тогаш опозициската СДСМ, благодарение на гласовите на членовите на ВМРО – ДПМНЕ и ДПА во ДИК.

На обвинителната клупа, покрај Мијалков и Тачи, се и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска.Со оглед дека сите освен Мијалков, се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, за нив нема можност делото да застари.

За само три месеци ова ќе биде четврта одлука која Апелациониот суд треба да ја однесе околу пресудите за Мијалков.

Во декември мината година, Апелациониот суд поради „суштествени повреди на постапката“ ја укина пресудата „Таргет - Тврдина“ и случајот го врати на повторно судење. Тогаш јавноста дозна дека предметот од непознати причини бил чуван девет месеци во фиока од судијата известител Енвер Беџети.
Судскиот совет формираше комисија која изврши увид во предметот и списите и ги потврди наодите. Одговорност од судиите во Апелација немаше а можностите за застарување на постапката станаа се поизвесни.

Деновиве Мијалков и неговиот адвокатски тим успеа да избвојува „две победи“ бидејќи Апелациониот суд одлучи да му ја замени затворската казна од 15 месеци за случајот „Плацеви на Водно“ со условна осуда вио траење од четири години. Тој се гонеше за кривичното дело помагање при „перење пари“. Клучот во одлуката на Апелациониот суд е дека Мијалков не превзел „реални туку вербални дејства“ а потоа Апелација ја потврди и ослободителната пресуда за случајот „Тортура“ и апсењето на Љубе Бошкоски.

XS
SM
MD
LG