Линкови за пристапност

Ковачевски: Војната во Украина ја потсети Европа дека на европскиот континент постои геостратегиска празнина


Никогаш појасни не биле пораките од европските партнери дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан може да се случи до 2030 година, рече македонскиот премиер Димитар Ковачевски, на премиерскиот панел во рамките на Преспа форумот за дијалог, кој се одржува во Струга.

„Политичката цел на Западен Балкан е полноправно членство во ЕУ, а регионалните иницијативи се еден од начините на подобра соработка на патот кон ЕУ. Сите држави денес во регионот сме на тој пат. Регионот денес го има потребниот лидерски потенцијал за носење на такви одлуки. И тоа што е неопходно сега е ние да ги удвоиме нашите напори на секој план за да ја добиеме потребната поддршка од европските партнери, за да го забрзаме процесот на интеграција. Ова го истакнувам од причина што никогаш појасни не биле пораките од наште стратешки партнери од ЕУ дека до 2030 година е можно проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан и дека сега практично работата е на нас, како ќе ги движиме процесите во регионот“, истакна премиерот Димитар Ковачевски.

Војната во Украина рече Ковачевски ја потсети Европа дека на географска површина на европскиот континент постои геостратегиска празнина.

„Ние не треба да заборавиме дека војната во Украина се води на 700 километри од тука. Државите од Западен Балкан чии што европски определби не се спорни, но секоја од државите имаат различен капацитет на одговорност на недемократските тенденции кои доаѓаат однадвор. Оваа геостратегиска празнина е отворена врата за ветриштата што веќе ја нишаат стабилноста на кревкиот Западен Балкан, а со тоа и на самата ЕУ. Војната на европскиот континент го вклучи алармот дека само обединета Европа со Западен Балкан е стабилна и безбедна се друго е дел од решението но не и самото решение кое е потребно за сите нас. Во овој процес треба да се подржи затворањето и на билатералните прашања секаде каде што е потребно“, истакна Ковачевски.

Премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ рече дека проблемот на Западен Балкан е што премногу се зборува за минатото. Тој и со порака до лидерството на ЕУ дека конечно треба да ја отворат вратата за процесот на проширување.

„Зборуваме за она што се случува во 1996 година,1999, 2002 итн., а не за она што следува во 2030, 2040. Мислам дека ако го смениме ова и ако зборуваме повеќе за визијата за она што сакаме да го видиме во иднината дека навистина можеме да постигнеме успех. Но ова е двонасочна улица. Ова желба на ЕУ да не прифати не е само еднонасочна улица, не е само Западен Балкан сака да се приклучи кон ЕУ. Ова е заеднички интерес особено со оглед на новата геополитичка ситуација. Но не сум сигурен дека капетаните на ЕУ гледаат на истиот начин на ова. Не велам и дека капетаните од Западен Балкан имаат најдобар пристап кон ова, но мислам дека лидерството на ЕУ треба да разбере дека конечно треба да ја отворат вратата, односно и да си речат треба да го заживееме повторно процесот на проширување“, вели Абазовиќ.

Абазовиќ и со конкретни предлози што земјите од регионот треба да направат за да има подобра соработка.

„Мислам дека би било многу добро ако работиме на заедничка промоција. Во име на мојата влада ќе кажам дека би било многу добро, ако заеднички го промовираме туристичкиот пазар како Западен Балкан. Зошто да не настапиме заедно и да ги промовираме нашите ресурси заеднички и тоа ќе биде добро за сите“, изјави црногорскиот премиер, Дритан Абазовиќ.

Роберта Мецола, претседателка на Европскот парламент во своето видео обраќање рече дека Западен Балкан го забрзал својот пат за приклучување во ЕУ.

„Дали она проширено европско семејство до 2030-та година е невозможна мисија, јас мислам дека е мисија која одамна требаше да се случи и заедно треба да ја наречеме завршена мисија. Европскиот парламент дава трајна поддршка за сите оние кои сакаат да станат членови на ЕУ, да ги споделат нашите вредности, да имаат храброст, да се помират, да се реформираат и да гледаат кон иднината“, рече Мецола.

XS
SM
MD
LG