Во интервју за МИА, премиерот Ковачевски тврди дека ако опозицијата изгласа уставни измени кај нив има подготвеност уште утредента да се оди на избори, додека од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека „консензус за уставни измени под бугарски диктат не е можен, единствено е можен консензус за избори
Премиерот Димитар Ковачевски е оптимист дека уставните измени во државата ќе поминат. Во интервју за државната агенција МИА, тој вели дека сите се свесни дека оваа шанса не треба да се изгуби и дека подобар договор со Бугарија никогаш нема да се постигне.
„Вакви пораки до нашата земја стигнаа и од меѓународната заедница, кои прецизно и отворено кажаа дека по уставните измени нема нови барања надвор од Преговарачката рамка“, вели Ковачевски за МИА, повикувајќи ги пратениците „да ја остварат најважната цел за државата и да обезбедат европска иднина“.
Ако опозицијата изгласа уставни измени ние сме подготвени уште утредента да одиме на избори и тоа е јасноДимитар Ковачевски, премиер на РСМ
„Ако опозицијата изгласа уставни измени ние сме подготвени уште утредента да одиме на избори и тоа е јасно“, вели Ковачевски.
На ова, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека „консензус за уставни измени под бугарски диктат не е можен, единствено можен е консензус за избори“.
„Тоа што е суштинско и што недостасува во ламентирањето на Ковачевски во интервјуто е зошто беше одбиен предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за општествен и политички консензус пред да прифати преговарачка рамка со ЕУ со која Бугарија ќе има можност и ќе ја искористи таа можноста да ја блокира Македонија секогаш кога нема да бидат исполнети иредентистичките, антимакедонски диктати од Софија? Над 80 проценти од граѓаните, јавноста и експертите се против промена на Устав под бугарски диктат. Ковачевски само за ден повеќе на власт и одржување на коалиција со ДУИ ја доведе Македонија во подредена положба и ја загрози нејзината европска интеграција, уште повеќе нејзината вековна јазична, културна и историска посебност“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Консензус за уставни измени под бугарски диктат не е можен, единствено можен е консензус за избориСоопштение од ВМРО-ДПМНЕ
Во интервјуто, Ковачевски тврди дека ги разбира стравувањата, особено после одредени чекори и провокации кои беа на штета на односите меѓу двете земји, но дека тезата која ја наметнува опозицијата е манипулативна и има двојна цел.
„Од една страна да ги доведува во заблуда граѓаните, да си поигрува со нивните емоции. Од друга страна да создава алиби за својата неодговорност затоа што немаат аргументи како да ги бранат своите обиди за блокади. Особено сега, кога целата содржина на предложените уставни измени е објавена и достапна, никој нема ниту една забелешка, ниту има нешто против. Прилично јасни се работите, нови условувања за нас не може да има“, вели тој, додавајќи дека „пратениците сега имаа многу поважна работа од терање изборни кампањи и калкулации за министерско, пратеничко или директорско столче“.
Премиерот во интервјуто ја посочи изјавата на канцеларот Олаф Шолц кој јавно кажа дека за Германија нема никакви дилеми и нови барања надвор од утврдената Преговарачка рамка, што е кажано и во Декларацијата на германскиот Бундестаг. На иста линија, како што велат од Владата, е ставот на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел.
„Бугарија исто така во повеќе наврати го потврди истото. Претседателот на Бугарија, Радев, потпретседателката Јотова, бугарското МНР, јасно во изјавите посочија дека нема нови услови и очекуваат да се исполнат договорените услови во преговарачката рамка“, велат од Владата.
Се предлага бугарскиот и уште пет други народи да се додадат во Преамбулата од Уставот – хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ.
Седницата за првата фаза на уставните измени односно за гласањето на потребата од промени на Уставот е закажана за 18 август откако претходно на Комисијата за уставни прашања поминаа заклучоците за потребата од измени на која ВМРО-ДПМНЕ гласаа против.
Во предлог-иницијативата што ја усвои Владата, а помина на собраниската комисија, се предлага бугарскиот и уште пет други народи да се додадат во Преамбулата од Уставот – хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ.
Покрај ова, предвидена е уште една уставна измена во однос на составот на Комитетот за односи меѓу заедниците со која се предвидува да се измени бројот на членовите, и тоа наместо досегашните 19 члена, бројот да се зголеми на 43 члена, при што 16 члена од редот на пратениците во Собранието – Македонци и Албанци, и по еден член од редот на пратениците Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци, Бугари, Хрвати, Црногорци, Словенци, Евреи и Египќани.