Линкови за пристапност

Ковачевски: Нема откажување, Македонија заслужува европска иднина


Карванот на „Коалицијата за европска иднина“ предводена од СДСМ, тргна од Скопје, од Музејот за Современа уметност каде
Карванот на „Коалицијата за европска иднина“ предводена од СДСМ, тргна од Скопје, од Музејот за Современа уметност каде

Под мотото „Нема откажување од иднината“, „Коалицијата за европска иднина“ предводена од СДСМ денес во Музејот на Современа уметност во Скопје, ја почна предизборната кампања за парламентарните избори

СКОПЈЕ – „Македонија заслужува европска иднина и не за 10 или 15 години туку сега во наредните пет или шест години. Младите заслужуваат. Тие мора да растат и да останат во нивната родна земја која ќе биде членка на ЕУ, со висок животен стандард, развиено здравство, модерно образование и чиста животна средина“, кажа претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на стартот на кампањата за парламентарните избори закажани за 8 мај.

Карванот на „Коалицијата за европска иднина“ предводена од СДСМ, тргна од Скопје, од Музејот за Современа уметност каде пред присутните членови, раководство на партијата и министри во Владата, Ковачевски презентираше дел од клучните мерки во изборната програма.

„Нема откажување додека Македонија не стане дел од Европа и Европа не ја донесеме во Македонија“, порача Ковачевски од говорницата.

Решителна борба против криминалот и корупцијата, повисоки плати и пензии, чиста животна средина, модерно здравство и образование се дел од мерките во програмата на Коалицијата предводена до СДСМ.

„Во оваа кампања ќе зборуваме повеќе за иднината. Ветуваме просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра. Со влезот во ЕУ проектираме дека ќе достигнат до 1.300 евра просечно, односно по 800 евра минимална плата. Обезбедивме по 200 евра прво вработување за млади до 26 години. Првпат во историјата ќе има едноцифрена бројка на невработеност од 7 проценти до крајот на мандатот. За пензионерите ќе обезбедиме просечна пензија од 30 000 денари, минимална од 20 000 денари, зголемени со влезот во ЕУ“, рече Ковачевски.

Ветинг ќе биде една од мерките за борба против корупцијата а ќе бидат опфатени политичарите, функционерите, судиите и обвинителите.

„Нема да има веќе предмети по фиоки, ќе го спроведеме ветингот на судиите и јавните обвинители, кому му се допаѓало или не. Ќе започне прво од кандидатите на листата на изборната единица 1, ќе продолжи со политичарите, а ќе се зпресели и кај судиите и обвинителите, и сите оние кои изминатите 32 години собраа богатство кое го употребуваат и злоупотребуваат за влијание во системот“, кажа Ковачевски.

Членство во Европската унија е крајната цел на СДСМ и Коалицијата.

„Нашиот главен фокус останува членството кон Европската Унија. Нашиот поглед е насочен кон ЕУ, бидејќи тоа е единствениот пат за подобра иднина на нашите семејства. Нема друга алтернатива за да изградиме држава каква што посакуваме. Нема друг начин да стигнеме до европски стандард, европско здравство и образование, европски квалитет на живот. Јас знам дека патот до ЕУ е сè уште тежок. Свесен сум дека пред нас има уште многу пречки. Но, во исто време немам дилема дека ЕУ е единствениот начин да се сменат работите на подобро“, потенцираше Ковачевски.

Тој се осврна и на досегашниот мандат и истакна дека имале грешки.

„Свесни сме дека направивме и голем број грешки и преземаме одговорност за тоа. Знаеме дека граѓаните се разочарани од растот на цените, од корупцијата, од самоволието, неработењето и злоупотребите на дел од политичарите. И да, граѓаните се во право. Имаат право да се чувствуваат така. И ги прифаќаме нивните критики за направените грешки. Но, само оној што е самокритичен и свесен за своите грешки има моќ да ги исправи“, рече Ковачевски.

Во своето обраќање тој се осврна и кон своите опоненти, опозициската ВМРО – ДПМНЕ.

„ ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски е истото ВМРО-ДПМНЕ кое на чело со Груевски 11 години ја зароби државата внатре, а ја изолираше надвор. Мицкоски гордо чекори по стапките на неговиот идол од Будимпешта. Исто како и Груевски, подготвен е Македонија уште 100 години да не влезе во Европската Унија “, потенцираше Ковачевски.

На настанот за старт на кампањата видео обраќање имаше и членот на нивната сестринска партија, германскиот социјалдемократ,Олаф Шолц, со порака дека, процесот на проширување со Македонија и државите од Западен Балкан е потребен за силна Европска Унија.

XS
SM
MD
LG