Обединетост во исполнување на стратешките цели на државата и континуитет во исполнување на идеалите на Илинденското востание и АСНОМ беа клучните точки во обраќањето на премиерот Димитар Ковачевски по повод Денот на Републиката - Илинден и 120 години од Илинденското востание
СКОПЈЕ – Македонија денеска го слави Денот на Републиката - Илинден и одбележува 120 години од Илиденското востание. Годинешната прослава, под мотото „120 години Илинден - Огниште на татковината“ се одржува во Скопје, Крушево, Прохор Пчински и Пелинце.
Премиерот Димитар Ковачевски, на скопското Кале, положи цвеќе на споменикот на слободата „Сила, слава и победа“ и во своето обраќање повика на обединетост во носењето на следните важни одлуките кои ќе имаат влијание врз идните генерации.
„Денес Републиката има потреба од нова државничка одлука на денешната генерација народни избраници, со што државата и граѓаните ќе продолжат по зацртаниот пат на напредокот. И денес е потребно да се свртиме кон аманетот кој ни го имаат оставено илинденците и асномците. Иако порано историјата го оценувала кревањето на Илинденското востание како преурането, денес на него се гледа како неминовно и неопходно. Благодарение на тоа, ние денес имаме своја држава, единствена, македонска држава. Наше огниште. Илинденците и асномците знаеле дека вреди секој направен чекор напред за македонската државност и затоа нивните одлуки нѐ обврзуваат да одиме напред, одлучно и храбро“, порача премиерот Ковачевски од скопското Кале.
Премиерот ја истакна неопходноста од постоење на континуитет во исполнување на стратешките цели на независна и суверена Македонија.
„Со Илинденското востание во 1903-та година е кренат гласот за слобода и правдини. Но, со НОБ и Првото заседание на АСНОМ во 1944-та, македонскиот народ ја извојува својата национална слобода и создава сопствена држава, со службен македонски јазик. Ова покажува колку е важна свеста за постоењето на стратешката цел и колку е важен континуитетот за нејзиното постигнување. Длабоките демократски принципи на кои се засновала Крушевската Република изразени во Крушевскиот манифест кој јасно прокламира социјална, национална и верска еднаквост, не случајно денес се темелите на современа Република Северна Македонија. И низ какви предизвици и да мина нашата држава во тридецениската независност, инспирирани од храброста на илинденците и асномците, со државничко постапување на Собранието, донесени се сите клучни одлуки за државата до денес“, рече Ковачевски.
Според Ковачевски, од одлуките кои треба сега да се донесат зависи дали државата ќе продолжи со интеграција или пак ќе се врати во изолација.
„И сите кои во следниот период ќе носат важни одлуки за граѓаните и државата, треба да постапат по истиот аманет. Дали ќе ја следиме визијата и храброста на илинденците и асномците и ќе градиме европска држава, интегрирана во големотот европско семејство, или пак ќе останеме сами и изолирани, е само наша одлука.Секој кој сака да се повикува на патриотизмот во претстојните одлуки кои треба да обезбедат континуитет на прогресот, поставен со Илинден и АСНОМ, нека погледне длабоко во себе и нека погледне добро пред себе. Секој кој сака да се повикува на патриотизмот во претстојните одлуки кои треба да обезбедат континуитет на прогресот, поставен со Илинден и АСНОМ, нека погледне длабоко во себе и нека погледне добро пред себе. Илинден и АСНОМ ги одликува одлучност, а не откажување. Затоа што само откажувањето е пораз“, кажа Ковачевски.
Интеграцијата на државата во Европската Унија мора да продолжи и да се исполни и втората стратешка цел.
„ Огништето на Татковината значи полни домови, насмеани деца, мотивирани млади луѓе, значи среќни луѓе. Ако сонот на граѓаните и особеноо на младите луѓе во државава е да живеат во европска држава, тогаш нека е тоа тука, во родната земја. Огништето на татковината, кое е создадено во пламен и со крв, да го сочуваме. Да не се случи да остане празно“, потенцираше Ковачевски.
Во Крушево, во рамките на чествувањето на Илинден и 120 години од Илиденското востание, делегацијата која ја предводеше претседателот на Собранието Талат Џафери положи цвеќе на гробот на Никола Карев, Македониумот, и на спомениците на Слива и на бранителите на Крушевската република.
Во Крушево беше претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со партиска делегација.
„ Горди сме на нашето минато и нема да дозволиме тоа некој да ни го погази или присвои. Горди сме на нашите предци и на нивната саможртва да ја изградат Македонија. Тие се нашиот пример дека со сплотеност и одлучност можат да се постигнат сите цели. Борбата за Македонија никогаш нема престане“, стои во официјалното соопштение од партијата.
Во рамките на прославата на Денот на Републиката – Илинден делегација на Владата која ја предводеше министерот за надворешни работи Бујар Османи заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ, положија цвеќе на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец“ во Скопје, на споменикот на Никола Карев пред Собранието, како и на спомен- обележјето на Методија Андонов- Ченто на Градскиот плоштад.