Линкови за пристапност

Ковачевски и Рама очекуваат смирување на тензиите во регионот


Димитар Ковачевски и Еди Рама очекуваат дека Белград и Приштина ќе се вратат на дијалогот прекинат по случувањата на северот на Косово.
Димитар Ковачевски и Еди Рама очекуваат дека Белград и Приштина ќе се вратат на дијалогот прекинат по случувањата на северот на Косово.

Северна Македонија и Албанија сметаат дека е неопходно смирување на тензиите и инсистирање на добрососедски односи во регионот. Димитар Ковачевски и Еди Рама очекуваат дека Белград и Приштина ќе се вратат на дијалогот прекинат по случувањата на северот на Косово. „Потребни се храбри, тешки, но државнички одлуки“, порача македонскиот премиер кој, како домаќин на шефот на албанската влада, денеска во Скопје, за пример го наведе искуството на земјава.

„Северна Македонија е пример како, преку државнички и тешки одлуки, се прават разлики за кратко време. Од заробена држава станавме членка на НАТО и држава која почна преговори со ЕУ, со заштитен идентитет и јазик и земја која од корисник на мировни мисии денес го споделува своето искуство за надминување на предизвиците со кои се соочуваат соседни држави кои имаат отворени прашања. Затоа, како соседи на Косово и на Србија повикуваме на деескалација на ситуацијата и имплементирање на Договорот постигнат во 27 февруари во Брисел и Договорот постигнат во Охрид за нормализација на односите. Знам дека тоа е тежок процес кој вклучува одлуки, но политичарите имаат обврска да се однесуваат државнички и храбро“, изјави Ковачевски.

Еди Рама, кому, албански политички кругови, но и дел од јавноста, му забележуваат дека, во оваа ситуација, не застанал на страната на Косово, не сакаше во детали да зборува за состојбата меѓу Белград и Приштина, но беше јасен кој е патот што треба да го одат косовските власти.

„Нема попогрешен пат од тој да се закотвиме во минатото, а уште полошо меѓусебе да се обвинуваме кој е поголем патриот. Вистински патриот е тој што ја сака својата земја и никому не му посакува зло“, вели Рама.

И Приштина е дел од турнејата на Рама на регионот. Но, косовскиот премиер, Албин Курти, изјави дека не сака да се види со Рама.

„Имам надеж дека кога ќе ја посетам Приштина, Албин Курти нема да го заборави правилото дека на кој било што ти доаѓа дома вратата му се отвора – забрането е да го исфрлиш од дома се додека не завршил со зборот“, додаде Рама.

Освен за регионалната стабилност двајцата премиери разговарале и за соработката, зајакнувањето на трговската размена, иницијативите „Берлински процес“ и „Отворен Балкан“. Немаат дилеми дека двете земји, и покрај тешките реформи и пречките не треба да отстапат од евроинтеграциите. Северна Македонија на тој пат има уште една крупна задача – уставни измени.

„Верувам дека Собранието ќе биде на ниво на задачата и дека со забрзан чекор да го продолжиме пат во евроинтеграциите. Знам дека нема да биде лесно, постојат различни интереси и калкулации кај партиите, некои од лидерите гледаат само во својот интерес и рејтинг. Но, треба да се донесе одлука која ќе биде храбра одлука која ќе ја паметат идните генерации“, рече Ковачевски.

Таа одлука зависи и од гласовите на опозицијата која, засега, не покажува знаци на поместување од својата одлука дека уставни измени овој собраниски состав нема да носи.

Албанскиот премиер Еди Рама во посета на Скопје
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:59 0:00

XS
SM
MD
LG