Линкови за пристапност

Кошарката ја одведе во САД: Ива Чолакоска стана капитенка на колеџ тимот во Флорида


Ива Чолакоска/Фото: Приватна архива
Ива Чолакоска/Фото: Приватна архива

Да се биде дел од американската кошарка е големо искуство, а воедно и можност за понатамошно напредување. Секојдневно запознавам нови правила и стилови на игра. Тоа е можност да созреам како спортист и студент, раскажува Ива Чолакоска, која студира и игра на колеџот „Мајами Дејд“

Дваесетгодишната Ива Чолакоска од Струга веќе две години ги полни противничките кошеви, настапувајќи за екипата на Мајами Дејд, на истоимениот колеџ, каде студира на отсекот за бизнис менаџмент.

Првата понуда за САД ја добила како ученичка во втора година во средно училиште. Иако било одлучено школувањето и тренинзите да ги продолжи во средношколски тим во Спрингфилд-Масачусетс, ковид-пандемијата ги пореметила плановите.

„На почетокот на четврта година средно бев исконтактирана од повеќе тренери, меѓу кои и мојот сегашен тренер. Одлучив дека приближно интереси и мислења, како и цели делам со тренерот на Мајами Дејд. Мојата апликација како интернационален студент беше веднаш прифатена и бев добредојдена во мојот нов тим, кој ќе стане и мој нов дом“, вели Чолакоска.

Секојдневно се соочувам и запознавам со нови правила и стилови на игра, тоа ми е можност да напредувам

Таа денес е капитен на тимот, но и една од најефикасните поединки. Ја прашавме што значи за неа да се биде дел од американската кошарка.

„Да се биде дел од американската кошарка за мене значи едно големо искуство, а воедно и можност за понатамошно напредување. Тоа што сум дел од оваа средина, каде секојдневно се соочувам и запознавам со нови правила, тренажни процеси и стилови на игра е можност за мене да созревам како спортист и студент. Задоволството да ја претставувам Македонија надвор од нашите граници е огромно и според моето искуство во овие две години, системот тука е многу покомпетитивен, многу тимови учествуваат и сто проценти се инвестира во целата наша посветеност како спортисти и студенти“, раскажува Чолакоска.

Ива Чолакоска е капитен на тимо Мајами Дејд
Ива Чолакоска е капитен на тимо Мајами Дејд

Ива е и македонската репрезентативка во кошарка уште од нејзината 16-та година.

„Повеќето од моите лета пред заминувањето за Америка беа исполнети како дел од подготовките, од кои научив многу како играч и ми дадоа приближна слика за натпреварувачкиот стил и спремност кој странските играчи го поседуваат. Тоа на некој начин ме подготви за моето искуство во странство“, вели Чолакоска.

Безбројните пријателства, спомени, успеси, па и падови со кои се соочив станаа голем дел од мене

Првите почетоци ги прави во женскиот кошаркарски клуб во нејзината родна Струга. Тоа е период кој вели никогаш не се заборава.

„Сите тие тренинзи и безброј часови поминати во сала, безбројните пријателства, спомени, успеси, па и падови со кои се соочив станаа голем дел од мене и се разви една неизмерна љубов од моја страна, бидејќи пронајдов нешто на кое сакам целото внимание да биде посветено и да бидам успешна во тоа што го правам и сакам. Како дете од мал град да успее да најде место во една поголема и поразвиена спортска програма е повеќе од задоволство. Ја сакам кошарката и ќе продолжам да ја сакам“, категорична е Чолакоска.

Вели дека е голем предизвик да се одговори на сите обврски. Тренира и по неколку часа на ден, а викендите се резервирани за натпревари.

Нејзина специјалност се кошевите за три поени, за кои противничките играчи немаат решение. А, за тоа кој се нејзините идни планови, вели дека за сега нема конкретен план каде би сакала да продолжи и оти во моментот е фокусирана да постигне што е можно поголеми резултати во средината каде што сега се наоѓа.

XS
SM
MD
LG