Линкови за пристапност

Сестрата на Ким Јонг Ун ќе ја посети Јужна Кореја


Ким Јо Јонг ќе биде дел од официјалната делегација на Зимските олимписки игри која ќе пристигне во петокот

Сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун неделава патува за Јужна Кореја, за да ги следи Зимските олимписки игри во Пјонгчанг.

Јужнокорејското Министерство за обединување, соопшти дека Ким Јо Јонг, виша членка на владејачката работничка партија, ќе биде дел од делегацијата која ќе пристигне во петок. Делегацијата ќе ја предводи Ким Јонг Нам, церемонијална раководителка на државата.

Ким Јо Јонг, за која се верува дека е во доцните 20-ти години, во октомври минатата година беше промовирана од нејзинот брат како алтернативен член на политбирото, тело кое донесува одлуки во партијата.

Веста дека Ким Јо Јонг ќе ја посети Јужна Кореја доаѓа во време кога во Јужна Кореја пристигнуваат севернокорејските спортисти за да учествуваат на Олимпијадата.

Женската група за бодрење составена од 229 членки, облечени во соодветни црвени палта и темни крзнени шапки, ја премина демилитаризирана зона која ги раздвојува двете држави. Тие беа дел од 280 члената делегација во која беше и министерот за спорт на Северна Кореја, Ким Ил Гук, заедно со таеквондо тимот кој ќе настапи на церемонијата на отворањето која ќе се одржи во петокот.

Северна Кореја испрати големи групи за бодрење на меѓународните спортски настани што се одржаа во Јужна Кореја во 2002, 2003 и 2005-та година. Една од членките на тимот од 2005-та година подоцна му станала сопруга на Ким Јонг Ун.

Големата музичка група која во вторникот пристигна со брод во источното пристаниште Мухо, беше пречекана од стотици јужнокорејски десничарски демонстранти кои палеа фотографии од Ким Јонг Ун.

Демонстрациите беа осудени во соопштението на официјалната новинска агенција на Северна Кореја, КЦНА.

Во меѓувреме, поголема загриженост за организаторите на олимпијадата во Пјонгчанг е појавата на норовирус. Во последните неколку дена повеќе од 30 лица од обезбедувањето на настанот се разболеле. Организаторите замениле 1.200 лица од обезбедувањето, со 900 војници за да извршат тестирање за болеста.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG